Свет
Почина Клодет Колвин, жената што пред Роза Паркс се спротивстави на сегрегацијата во САД
На 86-годишна возраст почина Клодет Колвин, чиј храбар чин на отпор против расната сегрегација во јавниот превоз во САД претходеше на познатиот протест на Роза Паркс, соопшти фондацијата што го чува нејзиното наследство.
На 2 март 1955 година, тогаш 15-годишната Колвин одбила да го отстапи своето место во автобус во Монтгомери, Алабама, на бела девојка, што било во директна спротивност со тогашните сегрегациски закони. Иако друга црна девојка што била со неа се повлекла, Колвин останала на своето место по што била уапсена. Овој настан се случил девет месеци пред Роза Паркс да го направи истото на 1 декември 1955 година, чин што историски се смета за катализатор на движењето за граѓански права.
Следната година Колвин беше една од главните тужителки во историскиот судски процес со кој, конечно, беше забранета расната сегрегација во автобусите во главниот град на Алабама.
„Мојот ум беше слободен, па затоа немав намера да се поместам тој ден. Им кажав дека историјата ме залепи за седиштето“, изјави Колвин во 2021 година потсетувајќи се на својот пркос.
јануари 14, 2026


