Connect with us

Живот

Најздодевниот пат на светот: 240 километри без ниедна кривина

Едноличен, бескрајно рамен и хипнотизирачки – така најчесто се опишува патот што важи за најздодевниот на светот. Иако нуди непречен и спектакуларен поглед кон една од најголемите песочни пустини на планетата, за возачите оваа делница претставува вистински тест за концентрација.

Станува збор за патен правец долг 256 километри, без ниедна кривина, нагорнина или надолнина, кој минува низ пустината Руб ел-Кали во Саудиска Арабија – пренесува порталот „Пункуфер“ (Punkufer.hr).

Оваа делница е дел од саудискиот автопат број 10, што ги поврзува Ал Дарб на југозападот со Ал Бата на истокот од земјата. Вкупната должина на автопатот изнесува 1.474 километри, а трасата се протега во близина на границата со Обединетите Арапски Емирати.

Автопатот првично бил изграден како приватен пат за кралот Фахд, кој владеел со Саудиска Арабија од 1982 до 2005 година. По неговото отворање за јавен сообраќај, патот влегол и во Гинисовата книга на рекордите како најдолга права патна делница во светот.

За да се помине оваа совршено рамна траса, потребни се речиси два часа возење, што многумина имаат чувство како времето и просторот да стојат во место. По повеќе од 240 километри еднолично возење, првиот знак за кривина кај возачите често предизвикува олеснување – како патник кој во пустина наоѓа извор.

Иако на прв поглед автопатот изгледа идеален за брзо возење, сообраќајните несреќи таму не се реткост. Надлежните предупредуваат дека една од главните причини е намаленото внимание на возачите предизвикано токму од монотонијата на патот. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 1