Регион
Началникот на грчката служба за цивилно воздухопловство на Грција поднесе оставка по проблемите во авиосообраќајот пред десет дена
На „дигитален шум“, предизвикан од десинхронизација во мноштво хетерогени уреди/интерфејси кои завршуваат во објектите на центарот на контрола, што резултирало со несакано активирање/континуирано емитување на критичен број предаватели и влошување/прекин на клучните телекомуникациски интерфејси, била причината за неколкучасовниот проблем во воздушниот сообраќај во Грција, согласно извештајот на експертите, јави дописничката на МИА од Атина.
Извештајот се однесува на причините за предизвиканите проблеми на 4 јануари кога неколку часа беше целосно во прекин авиосообраќајот во Грција, а по објавувањето, началникот на грчката служба за цивилно воздухопловство Јоргос Саунацос си поднесе оставка.
Според медиумите во Грција, денешната оставка дошла откако министерот за транспорт и инфраструктура побарал од Саунацос да се повлече од позицијата.
Како што пишува во извештајот за прекинот во авиосообраќајот, системот бил нормализиран „по ресинхронизација/рестартирање што следело по пренасочувањето на сообраќајот кон основната мрежа“.
Паралелно наведено е дека не е утврдено прашање на авијациска безбедност во смисла на изложување на авионите на директна или индиректна опасност.
– Во извештајот, Комисијата укажува дека постоечкиот систем за гласовни комуникации (VCS – Voice Communication System) на Службата за цивилно воздухопловство и клучните телекомуникациски инфраструктури што се користат за поддршка, се базираат на застарена технологија (SDH – Synchronous Digital Hierarchy) која веќе не е поддржана од производителот, без можност да обезбеди суштински гаранции за функционирање, соопштија од Министерството за транспорт и инфраструктура на Грција.
јануари 14, 2026


