Connect with us

Живот

Кинеска апликација што проверува дали сè уште сте живи

Мобилна апликација којашто добива сè повеќе популарност во Кина, остава многу малку простор за сомнеж за тоа колку осамен и мрачен може да им изгледа современиот живот на некои луѓе. Имено, ако корисникот не „се пријави“ два дена по ред, апликацијата автоматски испраќа е-пошта до назначениот контакт третиот ден.

„Дали си мртов?“ (Are you dead?) е платената апликација број еден во кинеската продавница за апликации на „Епл“ (Apple) во мигов. За 8 јуани (околу едно евро), корисниците можат да додадат контакт за итни случаи и да се означуваат себеси како „живи“ секој ден со притискање на светло зелено тркалезно копче со анимиран дух во средината. Насловот, се вели, е намерно ироничен, како игра на зборови со популарната кинеска апликација за достава на храна „Дали си гладен?“ или – „Еле-ма“. Кинескиот превод на „Дали си мртов?“ – „Силе-ма“ звучи слично.

Замислата е можеби едноставна, но е наменета и добродојдена за милиони луѓе во Кина кои живеат сами и бараат чувство на сигурност. Апликацијата е пуштена во услови на сериозни демографски предизвици – стареење на населението, долгорочни последици од политиката на едно дете и брза урбанизација што ги оддалечува луѓето од нивните семејства.

До 2030 година, се очекува Кина да има до 200 милиони домаќинства со еден член, а процентот на луѓе што живеат сами се очекува да надмине 30 отсто, објави државниот весник „Глобал тајмс“, повикувајќи се на истражувања од компании за недвижности.

„Поласкани сме и благодарни за огромното внимание“, изјави малиот тим од тројца програмери, во изјава за весникот. Тие додадоа дека планираат да ја ажурираат апликацијата со нови функции, вклучувајќи опции за пораки и подобра достапност за постарите лица, и дека можеби ќе го променат името.

Инаку, американската верзија „Демуму“ (Demumu) е шестата најпреземана платена апликација во американската „Епл ап-стор“ – раст што делумно може да им се припише на Кинезите што живеат во странство. Трендот на живеење сам е глобален. Во 2020 година, 27,6 отсто од сите домаќинства во САД биле домаќинство со еден член, што, според познавачите, е остар скок во однос на бројката од 7,7 насто во 1940 година. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 4