Свет
Гренланд е посебен и толку неверојатно примамлив за современите освојувачи
Гренланд, најголемиот остров на Земјата, има повеќе природни ресурси од кое било друго место на светот. Во овој миг сите активности за рударство и вадење ресурси се строго регулирани од гренландската влада преку сеопфатна правна рамка, што датира од 70-тите.
Како што пишува „Сајенс алерт“ (Science Alert), Гренланд е посебно место на Земјата, кое од неодамна повторно е во средиштето на вниманието поради геополитичките превирања. Без разлика кој како гледа на сѐ ова, она што треба да се знае е дека Гренланд е битен поради природните ресурси, како што се литиум и другите компоненти – клучни за новите зелени технологии. Островот исто така содржи вредни минерали и метали и огромна количина јагленоводороди, нафта и гас.
– Барем три наоѓалишта на Гренланд, длабоко под мразот, би можеле да бидат меѓу најголемите во светот по обем, со голем потенцијал за производство на батерии и електрични компоненти неопходни за глобалната енергетска транзиција. Скалата на јаглеводородниот потенцијал и минералното богатство на Гренланд поттикна обемни истражувања во Данска и во САД за комерцијалната и за еколошката одржливост на новите потфати во рударството – вели Џонатан Пол, истражувач и професор на Универзитетот на Лондон.
Американскиот геолошки завод проценува дека североисточниот копнен дел на Гренланд (вклучувајќи ги и областите покриени со мраз) содржи речиси 31 милијарда барели нафта во јаглеводороди – слично на сите докажани резерви на сурова нафта на САД. Но, областа без мраз на Гренланд, која е двојно поголема од Велика Британија, сочинува помалку од една петтина од вкупната површина на островот, што укажува дека под мразот има огромни резерви неистражени природни ресурси.
Концентрацијата на богати природни ресурси на Гренланд е поврзана со неговата извонредно разновидна геолошка историја во текот на изминатите четири милијарди години. Некои од најстарите карпи на Земјата може да се најдат тука, како и парчиња природно железо со големина на камион. „Цевки“ од кимберлит што содржат дијаманти, беа откриени во 70-тите, но сè уште не се експлоатирани, главно поради логистичките предизвици за нивно ископување.
Геолошки, многу е невообичаено една област да ги содржи главните начини на генерирање природни ресурси – нафта и гас, ретки земјени елементи, метали, минерали и скапоцени камења. Но, и покрај сѐ тоа, превисоките трошоци го имаат ограничено комерцијалното истражување. Исто така, има сѐ повеќе истражувања што укажуваат на потенцијално огромни извори нафта што го опфаќаат целиот брег на Гренланд.
Развојот на добро познати наоѓалишта, како што е Кванефилд на јужен Гренланд, лесно би можел да влијае на светскиот пазар со оглед на глобалната реткост. Неодамнешните достигнувања во техниките на истражување, како што е употребата на радарот што продира во земјата, овозможуваат да се ѕирне под мразот со поголема самодоверба. Сепак, напредокот во истражувањето на подрачјето под мразот е бавен, а одржливото ископување, веројатно, ќе се покаже уште потешко.
јануари 14, 2026


