Connect with us

Скопје

Ѓорѓиевски: Почна површинското чистење на депонијата Вардариште, следува процес на одгасување

Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски преку својот фејсбук профил информира дека е почнато површинско чистење на депонијата Вардариште.

– Зборот е збор – депонијата Вардариште заминува во историјата! Започна површинското чистење на повеќедецениската депонија Вардариште. Следува процесот на одгасување, а потоа – изградба на еден од најголемите паркови на површина од 300.000 метри квадратни, по сите стандарди. Новите бели дробови на градот!, пишува градоначалникот, кој сподели и видео.

Но, во неговата објава нема детали: ниту за тоа кој дел се чисти, ниту дали се отселени луѓето кои живееја во импровизирани куќарки, ниту дали тие се рушат или е во план да се рашут наскоро, ниту колкав дел од таа површина се чисти…

Во објавата нема ни план за динамика, до кога ќе се чисти површинскиот дел и кога ќе почне одгаснувањето иако забележливи се бетонски цевки со голем обем распоредени по површината и некој коп во кој веројатно ќе се поставуваат. Дали тоа се цевки за одгаснување, не знаеме. 

Исто така, нема информација кој го изведува расчистувањето, дали јавните претпријатија или некој подизведувач ангажиран од градот. Не се знае ни каде се носи ѓубрето измешано со земја кое се товари на камиони. Дека тркалата на камионите не се мијат пред да заминат по асфалтните пристапни патишта, може само да претпоставиме дека е така. 

Градот не соопштува ни колку ќе чини оваа операција, ниту дали има предвидено пари за нејзино спроведување. 

Уште многу непознаници има за оваа мора да се признае мегаакција, затоа што Вардариште е мегапроблем, а промотивни видеа за ветен проект за време на изборната кампања, претставуваат само погоден материјал за уште повеќе прашања. 

Постот на градоначалникот не одговара дури ни на прашањата на „Стоп за Вардариште“, односно оние кои повеќе од еден месец секојдневно ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнак“, во Ново Лисиче; иако, токму претставници на движењето пред некое време информираа дека биле на средби со надлежните и им било ветено дека наскоро ќе почне решавањето на проблемот Вардариште. Во нивното соопштение имаше повеќе информации.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2