Connect with us

Култура

Етнолозите од Музеј Куманово ги документираат обичаи за Василица

Дел од традиционалните обичаи поврзани со празникот Василица и прославата на Старата Нова година постепено исчезнуваат во кумановскиот регион, предупредуваат етнолозите.

Свети Василиј се прославува и како домашна слава, а во голем број семејства во кумановско се подготвуваат јадења во кои главна состојка е пченкарно брашно. Традиционалното јадење кое се подготвува секоја година е качамакот од пченкарно брашно, кој се служел со сланина и сирење. Овошјето, виното и ракијата се присутни на трпезата.

Инаку, традиционално на кумановската трпеза од дамнина до денес, домаќинките подготвуваат, топеница или качамак, се користи свинска маст како и производи од свинско потекло како чварки, сланина и суво месо, а сето оваа се надополнува со расолница и домашно црвено вино.

Според јулијанскиот календар, Православната Нова година настапува на 13 јануари на полноќ, додека 14 јануари е празникот Василица, посветен на Свети Василиј Велики.

Обредните игри „Џамалари“ кои се изведуваат на 13 јануари беа карактеристични за неколку села во минатото и се практикуваа и во некои приградски населби се еден од најавтентичните примери за традиционалните ритуали во кумановскиот регион.

Според кустос-советник од Националната установа Музеј Куманово, Анита Стојчевски која пред неколку години теренски ги истражуваше и документираше обредните игри во селата Орашац и Пчиња кои, како што појаснува, претставувала комплексен ритуал насочен кон обезбедување просперитет, здравје и бериќет за домаќинството во текот на годината.

– Подготовките започнувале најмалку еден месец порано. Учесниците сами ги изработувале маските, најчесто во зооморфен и антропоморфен облик. Верувале дека колку маската е пострашна, толку поголема е моќта да се избркаат злите сили и караконџулите, за кои се сметало дека владеат во периодот од Божиќ до Богојавление, таканаречените 12 некрстени денови, објаснува кустосот.

Во ритуалот учествувале претежно мажи на возраст од 18 до 70 години, кои имале строго дефинирани улоги: зет, невеста, старец, полицаец, мечка, коњ, магаре. Игрите имале хумористичен и сатиричен карактер, со симболични сцени на кои ја симболизирале обновата на животот и плодноста.

Џамаларите оделе од куќа до куќа, ѕвонејќи со клопотарци, тропајќи и викајќи, со верување дека колку поголема бучава ќе создадат, толку повеќе ќе се истера злото од домот. Домаќините ги пречекувале ги дарувале со брашно, пари и пијалаци. Круна на ритуалот било вечерното палење оган на маските.

Документарниот филм „Селски џамалари – Орашачки момци“, кој го реализираше таа, беше прикажуван во средни училишта и во музејот, со цел младите да се запознаат со традицијата.

Во рамки на музејските активности, секоја година се организира и традиционално месење лепче со паричка, обичај поврзан со Василица. Се верува дека оној кој ќе ја пронајде паричката ќе има среќа во текот на годината и ќе биде „кум“ до следната година.

Обичаите за празниците се дел од духовната култура и дел од традиционалното народно творештво, иако денес речиси исчезнати, остануваат значаен дел од културната меморија на регионот. Тие сведочат за верувањата, за начинот на кој преку ритуал се обидувал да ја контролира природата и сопствената судбина. Затоа нивното документирање и презентација пред младите генерации е од суштинско значење за зачувување на нематеријалното културно наследство на Куманово и пошироко.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 5
Ad 3