Вести
Нешто да се работи: Бојан Маричиќ сака да биде претседател на ДИК
Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ја утврди листата на пријавени кандидати на огласот на Собранието за новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК). Од пријавените кандидати, шест се од актуелниот состав – Борис Кондарко, Абдуш Демири, Александар Даштевски, Дитмире Шеху, Светлана Карапетрова и Ангелчо Ристов.
Според утврдената листа, пријавени се 16 кандидати, од нив седум за претседател на Државната изборна комисија, кои во своите кандидатури навеле и можност за избор за потпретседател или само член на ДИК.
По објавениот оглас, Абдуш Демири, дипломиран економист и магистер по економски науки и финансии, од село Непроштено – Теарце, се пријавува за потпретседател; Бојан Маричиќ, дипломиран правник и магистер по меѓународно и европско право и современи европски студии од Скопје, се пријавува за претседател или член; Александар Даштевски, дипломиран правник од Скопје, се пријавува за член; Ангелчо Ристов, дипломиран правник и магистер по административно право и јавна администрација од Делчево, се пријавува за член; Викторија Аврамовска-Мадиќ, дипломиран правник и магистер по правни науки од Скопје, се пријавува за претседател.
На листата на кандидати е и Феузи Џафери, дипломиран правник со положен правосуден испит од с. Чајле, Гостивар, кој се пријавува за претседател, за потпретседател или член; Светлана Карапетрова, дипломиран економист и магистер по економија, финасии, сметководство и ревизија од Тетово, се пријавува за член; актуелниот претседател на ДИК, Борис Кондарко, кој е дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за член; Марија Митановска-Димовска, дипломиран правник од Скопје, се пријавува за член; Дитмире Шеху, дипломиран правник од Гостивар, која е дел од постојниот состав на ДИК, се пријавува за член; Даниела Маркоска, дипломиран правник од Скопје, се пријавува за претседател; Елита Шуки, дипломиран правник со положени правосуден и нотарски испит од Скопје, се пријавува за претседател, за потпретседател и за член; потоа Добре Јанчев, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за претседател и за член; Бети Ѓорѓиеска, дипломиран инженер по електротехника од Скопје, се пријавува за член; Ивана Костадиноска, дипломиран правник со положен правосуден испит од Скопје, се пријавува за член; и Благоја Гешоски, дипломиран дефектолог, доктор на дефектолошки науки од Прилеп, се пријавува за претседател, за потпретседател и за член.
Утврдената листа на кандидати за претседател, потпретседател или член на Државната изборна комисија ќе биде доставена до претседателот на парламентот.
На денешната седница Комисијата за прашања на изборите и именувањата ги прифати барањата за остварување право на плата на Селим Адеми и Весна Дамева по престанок на функцијата член на Судскиот совет на Република Северна Македонија, како и барањето на Ментор Јакупи за остварување право на плата по престанок на функцијата член на Советот на експертите на Агенцијата за супервизија на капитално финансираното пензиско осигурување
јануари 13, 2026


