Connect with us

Свет

Танкерите од „флотата во сенка“ повторно се вратија во венецуелските води

Најмалку четири танкери, од кои поголемиот дел со товар, кои на почетокот на јануари ги напуштија водите на Венецуела со исклучени транспондери за да ја заобиколат строгата американска блокада, повторно се вратиле во водите на таа јужноамериканска земја, соопштија државната нафтена компанија ПДВСА и сервисот за следење бродови TankerTrackers.com.

Флота од околу десетина натоварени пловила, заедно со најмалку три празни бродови, ги напушти венецуелските води минатиот месец, очигледно пркосејќи му на ембаргото што американскиот претседател Доналд Трамп го воведе во средината на декември, со што извозот на нафта од земјата беше сведен на минимум.

Еден од бродовите, супертанкерот „М Софија“, кој плови под панамско знаме, бил пресретнат и запленет од САД оваа недела при обид да се врати во земјата. Другиот, танкерот од класата „Афрамакс“ – „Олина“, под знаме на Сао Томе и Принсипе, бил исто така пресретнат, но вчера бил ослободен и вратен на Венецуела, соопшти ПДВСА.

Уште три бродови од истата флота – „Меропе“ под панамско знаме, „Мин Ханг“ под знаме на Куковите Острови и „Талија III“, исто така под панамско знаме – биле забележани во венецуелските води доцна во петокот преку сателитски снимки, објави TankerTrackers.com.

Американските власти вчера соопштија дека „Олина“, претходно позната како „Минерва М“, ќе биде ослободена. Како следен чекор за земјата, која останува под строг надзор на САД по минатонеделното апсење на претседателот Николас Мадуро, се наведува можноста за започнување организиран извоз на сурова нафта, како дел од договор за снабдување со нафта вреден околу две милијарди долари, за кој преговараат Каракас и Вашингтон.

На состанок со водечки директори на нафтени компании, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека преговорите за договорите за снабдување напредуваат.

Глобалните трговски куќи „Витол“ и „Трафигура“ оваа недела ги добија првите американски лиценци за преговори и транспорт на венецуелски нафтен извоз, а се очекуваат и испораки на нафта од земјата членка на ОПЕК, наведуваат извори.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3