Економија
Раст и на извозот и на увозот во периодот јануари – ноември 2025 година
Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – ноември 2025 година, изнесува 7 395.6 милиони евра и бележи раст од 2.5 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, пак, 10 509.9 милиони евра, што е за 3.8 % повеќе во споредба со 2024 година, објави Државниот завод за статистика.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за пренос на лица.
Во периодот јануари – ноември 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47.7 % во вкупниот обем на размената. Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59.3 % во вкупната размена
јануари 9, 2026


