Вести
Филипче не прифаќа ниту лидерска средба ниту укинување на техничката Влада
Средба за техничката влада нема да има, таа мора да остане затоа што оваа власт покажа со конкретни дела и чекори дека не владее демократски, изјави денеска на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи дека „ова што се случува е сценарио за предвремени избори“.
– Техничката влада беше воведена за тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ да не ги злоупотребува институците, а ние гледаме во оваа една и пол година дека ништо не е сменето. Продолжија со узурпација на сите институции. Тоа го видовме за време на локалните избори… Затоа што предлог-законите донесени во сферата на правосудството воопшто не ги следат насоките од оценската мисија на ЕУ, напротив, дозволуваат уште поголема злоупотреба на оваа власт на правосудните и на полициските институции, изјави Филипче.
Според Филипче, ова што се случува е сценарио за предвремени избори и порача дека СДСМ нема да биде покритие за тоа.
– Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување предвремени избори. Ова што се случува е сценарио смислено уште лани, кое СДСМ го разоткри пред повеќе од два месеца. Предвремени избори, па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да преземе мигранти, да земе кредит шест милијарди евра плус 20 илјади фунти од мигрант, како што пренесоа британските медиуми, изјави Филипче.
Техничката влада мора да остане, рече Филипче, обвинувајќи дека власта „ги стави канџите во правосудството, презеде целосна контрола врз Обвинителството и носи измени на Кривичниот законик спротивно на препораките на ЕУ“.
– Да не беа овие чекори, можеби ќе можеше да се разговара, но ова е класична мафија. Со криминалци што се обидуваат да узурпираат сè и да се спасат нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност. Сето она што СДСМ го говори изминатиот месец, сега се случува пред очите на граѓаните, изјави Филипче.
Како е можно, рече лидерот на СДСМ, само еден час по изјавата на Александар Вучиќ во Србија, Мицкоски да споменува избори.
– Сега им е на сите јасно сè и нема потреба од дополнителни објаснувања. Акцијата на САД, Законот за Западен Балкан, каде што фокус е борбата против криминалот и корупцијата, ги забрзаа работите. Зошто постои потреба на најголемиот празник, на Божиќ, да се пласираат вакви политички вести. Очигледно е дека се разоткриени, постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од регионот што ќе бидат објавени овој или наредниот месец, изјави Филипче.
Прашан дали СДСМ ќе учествува на избори, ако бидат распишани, Филипче рече дека ќе учествуваат и се спремни за избори кога и да ги распише нагласувајќи дека „сега граѓаните ќе знаат дека ВМРО-ДПМНЕ не сака да направи ниту еден чекор напред „кон Европа, кон вистински реформи и кон она што граѓаните го бараат и очекуваат“.
Филипче исто така го обвини Мицкоски дека повикува на средба, а до вчера, како што нагласи, барале да си замине од СДСМ и дури „однатре се обидоа да ја рушат партијата“.
– И сега средба. Па дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни. Средба нема, техничката влада останува, изјави Филипче.
јануари 9, 2026


