Connect with us

Живот

Трендот „вејгбукинг“: Кога нејасните објави стануваат мамка за внимание

Таинствените и нејасни објави на социјалните мрежи, познати како „вејгбукинг“ („vaguebooking“), стануваат сè почеста форма на онлајн комуникација, како кај обичните корисници, така и кај славните личности. Терминот се однесува на намерно објавување пораки со недоволно информации, со цел да се поттикне љубопитност, да се добие внимание или реакции од публиката. Истражувачите на социјалните мрежи укажуваат дека ваквите објави често предизвикуваат прашања, но ретко нудат јасни одговори.

Според невропсихологот Санам Хафиз, станува збор за нејасни, лични пораки, со кои лицето не открива што точно се случува, туку остава простор за толкување, но таквиот начин на комуникација е чест, но не и најздрав.

Експертите посочуваат дека ваквото однесување може да биде поврзано со потреба за поддршка, чувство на осаменост или страв од директна комуникација. Во одредени случаи, „вејгбукинг“ служи и како индиректна порака до конкретна личност, особено по конфликт или раскинување. Тие советуваат ваквите објави да не се коментираат јавно, туку, доколку постои загриженост, поддршката да се понуди преку приватна порака. Во спротивно, сосема е прифатливо корисниците едноставно да продолжат понатаму. Иако често се доживува како привлекување внимание, нагласуваат дека „вејгбукинг“ најчесто произлегува од желбата луѓето да се почувствуваат забележани, сослушани и разбрани; основни човечки потреби кои не секогаш се изразуваат на јасен и директен начин.

Примери за „вејгбукинг“ се статуси од типот „Доста ми е од сè“, „Некои луѓе разочаруваат“ или објави со фотографии и апели без објаснување. Со таквите информации, авторите често очекуваат реакција или приватна порака од следбениците.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 4