Connect with us

Останати спортови

Меѓународен спорт во 2025: Дуплантис прескокна 6.30 метри, Норис стави крај на доминацијата на Верстапен во Ф1

Иако не беше олимписка година, 2025 на спортски план донесе многу возбудливи меѓународни натпреварувања во фудбал, кошарка, ракомет, одбојка, атлетика и Формула 1.

Првиот голем настан во годината која измина беше Грен слем турнирот Австралија Опен на крајот од јануари во Мелбурн на кој втора година по ред триумфираше Италијанецот Јаник Синер, совладувајќи го во финалето Александар Зверев од Германија. Во женска конкуренција, Американката Медисон Кис приреди големо изненадување и ја освои својата прва грен слем титула во кариерата со победа во финалето над бранителката на трофејот Арина Сабаленка.

Титулата на Ролан Гарос во Париз ја освои Шпанецот Карлос Алкараз совладувајќи го во финалето Синер, додека Сабаленка повторно беше поразена во финалето од Американката Коко Гоф.

Синер му се реваншираше на Алкараз во финалето во Вимблдон, каде во женска конкуренција триумфираше Ига Швјонтек од Полска, совладувајќи ја без загубен гем во дуелот за трофејот Американката Арманда Анисимова.

Сабаленка ја одбрани титулата на Ју Ес Опен нанесувајќи ѝ го на Анисимова вториот пораз во грен слем финалињата во 2025, додека Алкараз беше поуспешен во финалето во Њујорк од Синер.

Италијанскиот тенисер, сепак, во стил ја заврши календарската година, триумфирајќи пред домашната публика во Торино на АТП завршниот турнир, совладувајќи го во финалето Алкараз со 2-0 во сетови.

Ракометарите на Данска ја продолжија доминацијата на светската сцена, освојувајќи го златниот медал на мундијалскиот турнир. Хрватска го освои сребрениот, а Франција бронзениот медал.

Женскиот ракометен Мундијал во Германија донесе рекордна посетеност од 353.151 гледачи, а титулата по трет пат во историјата ја освои Норвешка совладувајќи го во финалето домаќинот со 23-20.

Годината која измина беше историска за фудбалерите на ПСЖ, откако францускиот тим го освои својот прв меѓународен трофеј, триумфирајќи во Лигата на шампиони со победата во големото финале во Минхен над Интер со 5-0.

Тотенхем го победи Манчестер Јунајтед со 1:0 (1:0) и ја освои Лигата на Европа, што за лондонскиот тим беше прв европски трофеј од 1984 година.

Трофејот во третото по ранг европско клупско натпреварување го освои Челзи совладувајќи го Реал Бетис во финалето во Вроцлав со 4-1.

Лисабон беше домаќин на финалето во Лигата на шампиони за жени во кое Арсенал ја совлада Барселона со 1-0.

Светското клупско првенство се одржа во САД во проширен формат со 32 екипи, а титулата ја освои Челзи, совладувајќи го во финалето европскиот првак ПСЖ со 3-0. Сепак, францускиот тим го освои Суперкупот на УЕФА, откако на пенали 4-3 (2-2) го совлада Тотенхем во Удине, а својата најуспешна година во историјата ја комплетираше со освојувањето на Интерконтиненталната титула на ФИФА. По пенали, францускиот клуб славеше против бразилскиот Фламенго со 2-1, откако регуларниот дел заврши 1-1

Четвртото издание на фудбалската Лига на нации го освои Португалија, која до својата втора титула во ова натпреварување дојде со победа во финалето во Минхен над Шпанија на пенали со 5-3 (2-2).

Финалето во ракометната Лига на шампиони во Келн донесе германско финале во кое Магдебург го совлада Фуксе Берлин со 32-26, додека унгарски Ѓер ја продолжи својата доминација на европската клупска сцена во женска конкуренција, освојувајќи ја седмата титулата во Лигата на шампиони. Во финалето во Будимпешта унгарскиот тим беше поуспешен од Одензе со 29-27.

Египет беше домаќин на 15. издание на Светско клупско ракометно првенство на кое Барселона во финалето го совлада Веспрем со 31-30 по продолженија.

Прв пат во историјата, завршниот турнир во кошаркарската Евролига се одржа надвор од Европа, а титулата на фајнлфорот во Абу Даби го освои Фенербахче, триумфирајќи во финалето над Монако. Во малото финале, Олимпијакос го совлада Панатинаикос.

Евробаскетот 2025 заврши со доминација на Германија која во финалето ја совлада Турција со 88-83, додека во натпреварот за бронзата Грција го совлада најголемото изненадување на турнирот Финска со 92-89.

На Европското првенство за кошаркарки чиј домаќин беше Грција, титулата ја освои Белгија, која ви драматично финале ја совлада Шпанија во 67-65, додека со бронзата се закити Италија.

Италијанските одбојкари ја освоија петтата светска титула во историјата совладувајќи ја во финалето во Пасај репрезентацијата на Бугарија со 3-1, додека во финале во пет сетови, Италија ја совлада Турција и ја освои титулата на Светското првенство за одбојкарки.

Шведскиот атлетичар Арманд Дуплантис го собори светскиот рекорд во скок со стап по 14 пат во својата блескава кариера, откако на Светското првенство во Токио прескокна 6,30 метри.

Британскиот Ф1-возач Ландо Норис првпат во својата кариера ја освои светската титула во Формула 1, и со стави крај на владеењето на Макс Верстапен, кој четири години во низа беше на тронот со Ред Бул. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 5