Ракомет
Министерот Борко Ристовски со порака за ракометарите – Играјте со срце за Македонија!
Министерот за спорт Борко Ристовски денес ги посети македонските ракометари и им посака успешен настап на претстојното Европско првенство што ќе се одржи од 15 јануари до 2 февруари во Данска, Шведска и Норвешка.

– Играјте со срце, играјте за Македонија! Некогаш не се битни само резултатите, но секогаш е битно да се одигра максимално и да се остави срце на терен, посебно кога се носи националниот дрес. Публиката тоа го препознава и го почитува. Како некој што со години го носеше овој дрес, знам што значи да се игра за Македонија, знам колкава чест, но и одговорност е тоа. Верувам дека ќе одиграте максимално и достојно ќе ја претставувате Македонија и македонскиот ракомет на ова Европско првенство, им порача Ристовски на македонските ракометари.
Владата преку Министерството за спорт и во соработка со Ракометната федерација на Македонија обезбеди и финансиска премија за македонската репрезентација од два милиони денари за секоја победа и уште два милиони денари за пласман во втората фаза на ЕП 2026.
„Црвено-жолтите“ по Божик заминуваат на турнир во Швајцарија, а оттаму продолжуваат директно за Хернинг, Данска каде ќе ги игра натпреварите од групната фаза на ЕП против селекциите на Данска, Португалија и Романија.
Македонските ракометари по 15 пат во континуитет настапуваат на големите натпреварувања – европски и светски првенства што заслужено им го носи епитетот најуспешна македонска репрезентација.
јануари 6, 2026


