Регион
Маринакис: Земјоделците да назначат нивна делегација со претставници и веќе следниот ден ќе се одржи средба на високо ниво
Упатувам апел до земјоделците, да назначат, како што побара и премиерот, конкретна делегација со нивни претставници, да бидат одредени кои се точно, пет, десет, 15 лица, колку и да се. На тој начин ќе знаеме кои се претставниците на земјоделците и веќе во следниот момент, да не речам веднаш, туку најдоцна следниот ден, ќе се одржи средба на високо ниво, порача портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервјуто за телевизијата „Action 24“, јави дописничката на МИА од Атина.
Во однос на тоа дали евентуалната делегација на земјоделците ќе биде примена од грчкиот премиер, Маринакис објасни дека штом бидат соопштени претставниците, тогаш ќе дадат и конкретни одговори со кого ќе сретнат и слично и уште еднаш повтори дека Владата секогаш е отворена за дијалог.
Паралелно посочи дека како што поминува времето и траат блокадите на земјоделците, „сè повеќе се зголемуваат проблемите што се предизвикуваат за општеството“.
– Целосно се почитуваат барањата на секој сектор, на секоја професионална група или категорија граѓани, но тие барања не треба да бидат насочени против остатокот од општеството. И реално, во моментов се создаваат многу проблеми. Еден голем проблем, на пример, е тоа што возењето по обиколни патишта ја зголемува опасноста од сериозни несреќи, па дури и фатални несреќи. Друго, што се надеваме дека ќе се намали, особено како се приближуваме до Божиќ, е влијанието врз божиќните пазари. Не само во големите градови, туку и во помалите региони кои очекуваат од патувањата на граѓаните во тие денови да преживеат економски. Трето, цените на производите. Сето тоа треба да се разгледа во наредните денови и да се избегне, објасни Маринакис.
За земјоделското прашање, претпладнево, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис свика вонреден состанок со учество на членови на Владата.
декември 11, 2025


