Connect with us

Регион

Специјална пензија од 1.700 евра за роднините на загинатите и за повредените во пожарот во близина на Атина во 2018 година

Гаранција за исплаќање на обесштетувањата; воведување специјална пензија од 1.700 евра месечно, отпишување на долговите кон државата, како и целосна здравствена покриеност, предвидуваат мерките на грчката Влада за поддршка на семејствата на жртвите и на повредените од, како што соопштија од Министерството за национална економија и финансии на Грција, „двете трагедии што ја потресоа земјата: пожарот во Мати во јули 2018 година и поплавата во Мандра во ноември 2017 година“, јави дописничката на МИА од Атина.

Надлежниот министер за национална економија и финансии на Грција до Парламентот го достави амандманот со конкретните мерки, со што како што информираа од Министерството „државата става крај на една повеќегодишна нерешена состојба и презема конкретни мерки за обесштетување, олеснување и институционална заштита на погодените“.

Во поплавите во западното атинско предградие пред осум години животот го загубија 24 лица, додека пак во пожарите во источното предградие на Атина пред седум и пол години загинаа 104 лица.

Владините мерки предвидуваат целосна заштита на обесштетувањата кои се доделени со судски одлуки и не се подложни на оданочување; специјална пензија од 1.700 евра за роднините на жртвите, како за сериозно повредените во пожарот во Мати со изгореници од втор или трет степен и инвалидитет од 50 отсто и повеќе, целосно и автоматско отпишување на долговите кон даночната управа, фондовите за социјално осигурување и локалната самоуправа и целосна здравствена покриеност за повредените со изгореници, за лекување во Грција и странство, како и бесплатна психолошка поддршка за семејствата на жртвите.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис преку Фејсбук посочи дека „осум години од драмата во Мандра и трагедијата во Мати што следеше, раните сè уште не се зараснати“, а Владата „одговара на оваа неправедна и повеќегодишна нерешена состојба со суштинска помош“.

– На жртвите им се обезбедува истата институционална грижа како на погодените од несреќата кај Темпи. Бидејќи во солидарноста не треба да постојат разлики, напиша Мицотакис. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2