Connect with us

Регион

„Defend, Not Defund Art“: Српските власти да гарантираат безбедни услови за независна уметничка активност

Културните институции мора да останат простори на критичко размислување, отворен дијалог и слободно уметничко творештво без страв, се наведува во отвореното писмо на европската иницијатива „Defend, Not Defund Art“ посветено на случувањата во Србија, во кое се изразува целосна солидарност со културната заедница во земјата.

– Ги повикуваме српските власти веднаш да ја вратат институционалната автономија, да ги поништат неправедните затворања или отпуштања и да гарантираат безбедни услови за независна уметничка активност, се вели во писмото.

Организацијата ги повикува културните институции, телата за финансирање и меѓународните партнери да ги поддржат засегнатите уметници, куратори и културни работници во Србија, а од „пошироката европска културна заедница“ на уметници, институции, финансиери, медиуми и граѓанско општество бара „да го кренат својот глас во одбрана на уметничката слобода и да ги следат идните случувања“.

– Ние, уметниците, изведувачите, кураторите и културните работници зад иницијативата „Defend, Not Defund Art“, која е вкоренета во Белгија и одекнува низ цела Европа, одбиваме молчење. Преку ова отворено писмо, повикуваме на заштита на уметничката слобода, институционалната автономија и критичкото културно изразување и ги осудуваме неодамнешните акти на цензура и политичко мешање во културните институции на Србија, се додава во писмото.

Неговите потписници нагласуваат дела ситуацијата во Србија со растечката употреба на административен или политички притисок за замолчување на критичките уметнички гласови е одраз на она што се случува низ цела Европа, каде културните институции се соочуваат со растечки закани, од намалување на буџетите и финансиите, до идеолошка контрола.

– Потписниците на ова писмо, меѓу кои и Ханс Оп де Бек, Сања Митровиќ, Бојана Цвејиќ, Мило Рау, Мајкл Де Кок, Амир Реза Кухестани и други, го гледаат српскиот случај како дел од пошироката континентална борба за демократија, културна слобода и институционална независност. Затоа, иницијативата „Defend, Not Defund Art“, ги повикува европските новинари, креатори на политики и културни тела да ја препознаат ситуацијата во Србија како предупредувачки знак и да дејствуваат колективно за да ја одбранат уметничката слобода низ целиот континент, се нагласува во отвореното писмо.

Со оценка дека Србија „се соочува со зголемено политичко мешање во културните институции“, во писмото се наведува дека на Меѓународниот театарски фестивал во Белград (БИТЕФ) во 2025 година беше откажана претставата на Мило Рау „Судењето на Пеликот“, што предизвика целиот уметнички тим и неколку членови на Одборот да поднесат оставка.

Во писмото се додава и дека институции со долгогодишна традиција, како што е Народниот театар во Белград, биле затворени „под сомнителни изговори“, вклучувајќи и „наводни проблеми со противпожарната безбедност и работната дисциплина“.

– Овие мерки ефикасно го ограничуваат политичкото изразување. Заедно, тие откриваат загрижувачки тренд на цензура прикриена како административна регулатива, поткопувајќи ја културната и уметничката слобода во Србија, се нагласува во писмото.

Ad 3
Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1