Connect with us

Регион

Реакција на српските власти за забраната Српска листа да учествува на изборите во Косово на 28 декември

Новиот обид на косовскиот премиер Албин Курти да го забрани учеството на Српска листа на претстојните избори е доказ за неговата нервоза и страв од дебакл на гласањето на 28 декември, изјави денеска директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.

Тој наведува дека Курти „нема што да им понуди на гласачите освен омраза кон се што е српско и никаква економска програма“ и затоа прави „очајнички потези“.

Во изјавата, Петковиќ истакнува дека забраната е „трет обид за една година“ да се спречи Српска листа да учествува на изборите бидејќи „таа е единствената што се бори за интересите на српскиот народ“.

Централната изборна комисија во Приштина продолжува да одбива верификација на Српска листа за учество на изборите во Косово, па како и во претходните случаи во февруари и октомври оваа година, го стори истото и за вонредните парламентарни избори закажани за 28 декември.
Со два гласа „за“, два „против“ и седум „воздржани“, ЦИК во Косово на синоќешната седница не го потврди правото на Српска листа да учествува на изборите на 28 декември.

ЦИК не ја потврди Српска листа да учествува ниту за изборите на 9 февруари, па Изборната комисија за жалби и поплаки и наложи на ЦИК да го потврди правото на најголемата српска партија во Косово да учествува на изборите.

Делегацијата на ЕУ во Косово изрази жалење поради одлуката на ЦИК  да не ја сертифицира Српска листа за учество на вонредните парламентарни избори на 28 декември, со оценка дека „Самоопределување“ на техничкиот премиер Албин Курти и други неименувани страни го „политизираат тоа тело“.
ЦИК на Косово потврди учество на 22 политички субјекти за изборите на 28 декември. 

Мисијата на ОБСЕ во Косово реагираше синоќа ЦИК изразувајќи разочарување и загриженост. ОБСЕ ги осуди дејствијата кои, како што е наведено, го поткопуваат правото на политичките субјекти да учествуваат на избори. Според нив, таквите дејствија претставуваат јасно отстапување од меѓународно прифатените изборни стандарди.

„Сериозно сме загрижени за растечката политичка поларизација во ЦИК, што се рефлектира во однесување кое се чини дека е водено од партиски интереси, а не од законски критериуми и демократски принципи. Таквото однесување ја поткопува непристрасноста и кредибилитетот потребни за независно тело да управува со изборите. Овие дејствија ризикуваат да ја поткопаат довербата на јавноста во изборниот процес и да го зајакнат перцепцијата дека одлуките се политички мотивирани, а не водени од праведност, вклученост и транспарентност“, се вели во реакцијата. 

Мисијата на ОБСЕ ги повика ЦИК на Косово и сите политички актери да ги почитуваат професионализмот, непристрасноста и демократските стандарди, осигурувајќи дека изборите на 28 декември ќе бидат спроведени во согласност со воспоставените најдобри меѓународни практики.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2