Connect with us

Регион

Протест на вработените во Јавниот радио-телевизиски сервис на БиХ

Вработените во Јавниот радио-телевизиски сервис на Босна и Херцеговина (БХРТ) денеска протестираа пред Парламентот во Сараево и испратија предупредување дека на БХРТ и се заканува финансиски колапс и прекин на емитување на програмата.

Новинарите, снимателите и другите вработени во БХТ 1 и БХ Радио 1 бараат од државата да ги намири огромните долговите на БХРТ и да преземе чекори за обезбедување на трајно и стабилно финансирање.

– Ова е прашање на тоа да се биде или да не се биде. Кој мисли дека водата не му стигнала до грлото, се лаже себеси. Уморни сме од празни ветувања, изјави директорот на БХРТ, Белмин Карамехмедовиќ.

Согласно законот, БХРТ, Радио-телевизија на Федерацијата на БиХ (РТВФБиХ) и Радио-телевизија на Република Српска (РТРС) се финансираат од претплатата. За БХРТ, со 700 вработени наменети се 50 проценти од претплатата, додека другите два јавни сервиси добиваат по 25 отсто од претплатата.

Но, РТРС во 2017 година почна да ги задржува средствата собрани од претплатата само за себе, поради што на БХРТ и должи повеќе од 50 милиони евра. БХРТ ги доби сите судски случаи против РТРС, која и понатаму одбива да ги намири долговите и не сноси никакви последици поради тоа.

БХРТ поради долгот на РТРС не можеше да ги плаќа редовните деловни трошоци, па сега, Електростопанство БиХ планира има намера да го конфискува и продаде нивниот имот за да ги надомести трошоците за неплатена електрична енергија.

Сите обиди да се намират барем тие долгови со интервенции од државниот буџет и расположливите резерви не успеаја бидејќи министрите од РС во Советот на министри и претставниците од тој субјект во државниот Парламент се против тоа.

Шефот на делегацијата на Европска Унија во БиХ, Луиџи Сорец, остро го осуди ставот на властите во земјата кон јавниот сервис, предупредувајќи дека таквото однесување е неприфатливо за земја која сака да стане членка на Унијата.

Политичката неодговорност, вклучително и долгорочното занемарување на законските обврски, го доведе БХРТ на работ на колапс. Приходите што законски им припаѓаат на јавните служби не се исплаќаат со години. Институциите и политичките лидери свесно дозволија проблемите да се акумулираат, без никаква волја да се најде одржливо решение, наведе Сореца и ги повика властите во БиХ веднаш да преземат мерки за решавање на проблемите што го загрозуваат опстанокот на БХРТ, вклучително и долгот кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ).

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1