Свет
ОН: Намалувањето на финансирањето за борба против СИДА е „поразително“
Намалувањето на меѓународното финансирање за борба против СИДА (ХИВ/СИДА) имаше широки последици и предизвика шок во земјите со низок и среден приход погодени од пандемијата, соопшти во Женева Обединетата програма на ОН за ХИВ/СИДА (UNAIDS), пренесе ДПА.
Намалувањето на финансирањето може да доведе до 3,9 милиони дополнителни случаи на инфекција со ХИВ – вирусот што предизвикува СИДА, предупреди агенцијата на ОН при објавувањето на својот годишен извештај пред Светскиот ден за борба против СИДА на 1 декември.
„Кризата со финансирањето во 2025 година ја претвори борбата против СИДА во хаос“, пишуваат авторите на извештајот. Сепак, тие забележуваат дека новиот извештај претставува „докази дека отпорноста, инвестициите и иновациите, во комбинација со глобалната солидарност, сè уште нудат пат кон ставање крај на болеста“.
Минатата година биле регистрирани околу 1,3 милиони новозаразени, а околу 630.000 починале од СИДА. На крајот на 2024 година, 40,8 милиони луѓе живееле со ХИВ, при што повеќе од три четвртини од нив имале пристап до соодветни лекови.
Според извештајот, од 2010 година, инфекциите и смртните случаи се значително намалени.
До почетокот на оваа година, САД обезбедуваа три четвртини од меѓународното финансирање за борба против ХИВ/СИДА, но привремено ги замрзнаа сите плаќања. Оттогаш, Вашингтон го обнови финансирањето за тестови за ХИВ, лекови и медицински персонал за други земји.
– Влијанието на ненадејното забрзување на кратењата на меѓународното финансирање за борба против ХИВ, заедно со ограничувањето на човековите права, е поразително, изјави Вини Бјанима, шефица на Обединетата програма на ОН за ХИВ/СИДА.
ноември 27, 2025

