Connect with us

Регион

Будимпешта подава рака на Белград: Унгарија ќе и помогне на Србија да не остане без енергенси

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денеска изјави дека Унгарија ќе и помогне на Србија да не остане без енергенси, бидејќи Нафтената индустрија на Србија (НИС) ги прекина испораките на нафта преку Хрватска поради санкциите на САД.

По разговорот со шефот на српската дипломатија, Марко Ѓуриќ, Сијарто изјави дека за време на разговорите во Белград со српската министерка за енергетика ќе се договорат техничките елементи на тој политички договор.

Ѓуриќ по средбата изјави дека Србија не смее да зависи од еден извор на снабдување со енергенси и дека треба да ја продлабочи соработката со Будимпешта во тој поглед.

Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека Србија има уште четири дена до целосно затворање на рафинеријата доколку САД не ја одобрат лиценцата за работа на НИС. Рафинеријата на НИС во Панчево, во близина на Белград, остана без нафта за преработка, бидејќи нафтоводот Јанаф ги прекина испораките поради санкциите на САД против српската нафтена компанија воведени поради руското сопствеништво во компанијата.

Во пресрет на неговото пристигнување во Белград, Сијарто на Фејсбук изјави дека „Србија е во тешка ситуација“ и дека Унгарците ќе и помогнат на Србија, на српскиот народ и на српската економија.

Сијарто во октомври изјави дека унгарската нафтена компанија МОЛ ќе ги зголеми испораките во Србија, но не даде никакви детали за износот на планираното зголемување на понудата или начинот на испорака.

НИС вчера објавија дека рафинеријата започнува со подготовки за прекин на работата.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека ќе биде предложен амандман на Предлог-законот за буџетот, што ќе ги предвиди околностите во кои Србија би морала да го преземе НИС. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 4