Connect with us

Вести

Јанушев: Наша визија е поддршка на инклузивен, независен и професионален граѓански сектор како партнер на институциите

Наша визија на Стратегијата на Владата за соработка и развој на граѓанското општество 2025-2028 е поддршка на инклузивен, независен и професионален граѓански сектор, што е партнер на институциите во креирањето и реализацијата на стратешките цели на државата.

Ова го изјави владиниот генерален секретар Игор Јанушев за време на Националниот форум – саем на граѓански организации „Соработка помеѓу Владата и граѓанското општество“, организиран од „Цивика мобилитас“ и Владата, што денеска се реализира во Клубот на пратеници.

– Еден од принципите врз основа на што Владата работи на унапредување на соработката и односите со граѓанските организации е принципот на отвореност и транспарентност, како неопходни инструменти за градење еднаквост пред законот и одговорност на носителите на одлуки. Владата го покажа својот отворен и искрен пристап во вклучување на граѓанските организации во процесите на креирање на јавните политики, токму преку повторното воспоставување на независен, репрезентативен и ефективен Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, истакна Јанушев. 

Тој потсети дека по спроведени консултации со граѓанските организации, во декември 2024 година, Владата донесе одлука за изменување и дополнување на одлуката за формирање Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а во март 2025 година донесе решение за назначување членови и заменици членови на Советот, со што, како што рече,  беше прекинат тригодишниот бојкот на работата на ова советодавно тело на Владата.

Јанушев нагласи дека Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество е важен механизам за институционална соработка и суштинско вклучување на граѓанските организации во процесот на креирање, спроведување и евалуација на политиките.

– Владата го формираше Советот за да го институционализира дијалогот и да обезбеди граѓанските организации да можат да го следат спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, да ја следат и анализираат јавната политика, што влијае на околината во која се развива граѓанското општество и да иницираат донесување нови или изменување на постојните прописи за унапредување на правната и институционалната рамка за делување на организациите, додаде Јанушев. 

Притоа, тој подвлече дека Советот, делувајќи како координативно тело за следење на спроведувањето на Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанското општество, треба да биде вистинска движечка сила за унапредување на соработката на Владата и органите на државната управа, со граѓанските организации и за навремено и целосно спроведување на мерките за обезбедување поволна средина за развој на граѓанското општество. 

– Да работиме заедно, со визија и решителност, во соработка и партнерство со граѓанските организации, да ја градиме државата како просперитетна, праведна и динамична демократија, порача Јанушев. 

Организаторите најавија присуство и на премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Сомер, директорот на МЦМС и лидер на тимот на „Цивика мобилитас“, Александар Кржаловски, министерката за образование и наука Весна Јаневска, министерот за локална самоуправа Златко Перински, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, заменик-претседателот на Владата за добро владеење Арбен Фетаи, заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, заменик-министерот за здравство Јовица Андовски, како и на директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.

На сесија посветена на локалната самоуправа, заедно со министерот Перински, предвидено е да зборуваат и Дарко Костовски, градоначалник на Бутел, Соња Стаменкова, градоначалничка на Македонска Каменица и Фисник Меља, градоначалник на Дебар.

– Програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ е поддржана од Владата на Швајцарија, а ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска, и ФЦГ од Шведска, појаснија организаторите на настанот. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1