Економија
Управувањето со климатските ризици и зелените финансии е во рана фаза, потребен е позелен и одржлив финансиски сектор
Само пет проценти од компаниите во земјава имаат планови за справување со климатските ризици, а управувањето со климатските ризици и зелените финансии е во рана фаза, покажува едно неодамнешно истражување спроведено од страна на Народната банка и Европската инвестициска банка.
Проценките на Светска банка се дека во изминатите 20 години климатските промени во Северна Македонија предизвикале загуби од над 650 милиони долари. Се почестите климатски промени на светско ниво веќе чинат милијарди долари годишно и во едни такви услови важно е да се изгради позелен одржлив финансиски сектор, беше посочено на денешната конференција организирана од Народната банка и Фондот за зелен развој, посветена токму на зелените финансии.
Климатските ризици, според првата заменик-гувернерка на централната банка на Германија, Сабине Маудерер, може да имаат директни последици врз стабилноста на цените, финансиската стабилност и економскиот раст.
– Многу централни банки веќе интегрираат климатски ризици во финансиската супервизија и макропрудентите политики. Истовремено, бараат од банките да ги зајакнат своите модели и рамки за климатски ризици. Во Европа веќе има климатски стрес тестови со цел подобро разбирање како климатските ризици можат да влијаат врз финансиската стабилност, истакна Маудерер во видео обраќањето.
ноември 25, 2025

