Вести
По три одложувања почна судскиот процес за повеќе кривични дела за изградбата на новиот објект за театар и библиотека во Тетово
Во Основниот суд Тетово денес почна судскиот процес по поднесениот обвинителен предлог за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на тетовските театар и библиотека. Судскиот процес почнува по три одлагања, откако во декември 2024 година Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителни акти против четири луѓе и едно правно лице.
Обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, а потоа почна читањето на списокот на докази кои беа подготвени од Обвинителството. Со оглед на тоа дека и Обвинителството и одбраната на обвинетите предложија повикување и сослушување на вешти лица, беше закажано продолжување на главната расправа за 10 декември.
Судијата Елведин Ферати воедно определи термини за уште две рочишта, едното за 30 декември, а другото за 20 јануари 2026 година.
Обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово Урбан План Констракшн, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и ВД директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.
Според Обвинителството, првообвинетиот Шасивари и второобвинетото правно лице сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство од чл. 275-в од Кривичниот законик. Обвинетите Фазлиу и Арслани сториле продолжено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, додека обвинетиот Муча сторил продолжено кривично дело кривично дело Несовесно работење во службата.
Почетокот на судскиот процес беше закажан прв пат на 14 јули и од тогаш се одложуваше за 17 септември, 8 октомври и 25 ноември.
ноември 25, 2025

