Вести
Алиу: Човечките капацитети се најважниот екосистем во здравството, изготвивме регистар на здравствени работници како алатка за креирање здравствени политики
„Вистински реформски политики во здравствениот систем започнуваат кога веќе се скенира актуелната состојба од инфраструктурна гледна точка и од најважниот екосистем во здравството, а тоа се човечките капацитети“, порача министерот Азир Алиу во емисијата „Топ тема“, на телевизија Телма.
Тој појасни дека токму поради ова приоритетот уште од првиот ден како министер беше анализа на здравствените ресурси со цел да се види до каде е здравството од аспект на човечките ресурси.
„Во овој момент ние имаме вкупно 15.529 доктори, од кои 14.940 се лиценцирани, додека 599 се во фаза на релиценцирање“, соопшти министерот Алиу и додаде дека овој регистар на здравствени работници ќе биде поврзан со централниот дата центар на Министерството.
Министерот Алиу појасни дека овој регистар ќе биде алатка која ќе служи како основа за организирање, менаџирање и креирање на здравствени политики. Во моментот анализата покажува дека распределбата на човечките капацитети не е соодветна, а тоа значи дека во некоја установа има повеќе вработени на некое одделение отколку реалната потреба, а истиот профил во друга установа недостасува.
„Според овие анализи кои ги имаме и според националната стратегија која ја креираме заедно со Министерството за образование и наука, ние освен што ќе правиме реорганизација на капацитетите, ќе предвидуваме и колку здравствени профили произведуваме, со цел да можеме да ги вклучиме во систематизацијата на работните места“, рече министерот Азир Алиу.
Тој додаде дека со регистарот за здравствени ресурси првиот чекор веќе е направен и се знае колку човечки капацитети има во државата, односно се знае каде и колку доктори имаме, нешто што не е направено над 30 години.
„Вториот момент е регистар на опрема, апаратура и инфраструктура, со кој што ќе знаеме со што реално располагаме. Со колку метри-квадратни располагаме, со колку и каков тип на апаратура располагаме, тоа веќе го правиме“, рече министерот Алиу и додаде дека со јасно дефинирани човечки и инфраструктурни капацитети, врз основа на податоци, ќе може да се креираат политики во здравството за наредните десет години.
Министерот Алиу додаде дека политиките креирани во здравствениот систем се нефлексибилни и стари, со оглед дека има закони во здравството кои не се променети со децении.
ноември 25, 2025

