Вести
Трајков: Владата го подобрува животот на младите за да ги задржи дома
Заменик-министерката за европски прашања, проф.д-р Викторија Трајков денеска во Македонското Собрание учествуваше на промоција на публикацијата „Справување со младинскиот евроскептицизизам во земјите од Западен Балкан, со фокус на Македонија”.
Промоцијата на оваа публикација е соработка меѓу клубот за младински прашања и политики и Институот за добро управување и евроатлантски перспекитиви, Фондацијата ,,Фридрих Науман” и Европскиот центар за извонредност.
Заменик-министерката за европски прашања рече дека реалноста покажува дека младите не само во нашата земја,туку и во регионот се соочуваат со бариери и потешкотии на нивниот кариерен пат и во градењето на нивната визија за тоа дека сакаат да живеат во општество каде нивниот потенцијал ќе дојде до израз.
Сите ние, земјите од регионот делиме исти амбиции и исти желби-а тоа е што поскоро да се приклучиме на европското семејство, да ги подобриме состојбите дома и да донесеме подобар живот за сите нас. Но, делиме и исти стравови. А тие стравови доаѓаат преку гласот на младите. Навистина е обесхрабрувачки кога ќе се слушне за се поприсутниот евроскептицизам, кога ќе се дојде до податоците содржани во публикацијата за која зборуваме денеска, а кои покажуваат дека младите се плашат за својата иднина овде, дома, но истовремено со доза надеж дека еден ден и ние ќе станеме дел од Европа, порача Трајков.
Таа нагласи дека Владата работи со младите и за младите бидејќи тие се сржта на општеството и нашата иднина. Вербата во нив и нивниот потенцијал и вештини е она што не води напред и ни дава сила смело да продолжиме напред со реформите и со релизација на зацртаните планови за иднината-потенцираше заменик министерката за европски прашања.
Се посветивме целосно во подобрување на животот на младите за да ги задржиме тука. Преземавме мерки за подобрување на нивното образование, преку олеснување во набавка на ИТ опрема, реновирањето на студентските домови, ги подобривме можностите за вработување на младите, а овозможивме и нивна поддршка во земјоделството. Фокусирани сме на целосна реализација на реформските процеси како дел од Реформската агенда, мораме да ги зајакнеме нашите институции, да ја подновиме патната и железничката инфраструктура, да ги модернизираме условите во болниците, во училиштата..Сакаме да ги стимулираме младите да останат овде. Заедно да го градиме европскиот живот тука-дома, заклучи Трајков.
ноември 24, 2025

