Економија
Димитриеска -Кочоска: Повластената стапка од 5 проценти ДДВ за првиот промет на новоизградени станови останува непроменета
Повластената стапка од пет проценти ДДВ за новоизградени станови ќе важи и по 1 јануари, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
– Пред еден месец го изнесовме нашиот став, но беше потребно да се извршат дополнителни анализи и пазарни испитувања, не само во Македонија, туку и споредбено со другите земји. Врз основа на тие резултати, предложивме стапката од 5 проценти да остане и натаму. Исто така сме во постапка на измена и дополнувања на целиот Закон за ДДВ каде што ќе предложиме одредени модалитети кои ќе се применуваат во иднина, истакна Димитриеска-Кочоска во емисијата „Аргумент плус“ на Телевизија 24.
Потенцира дека во моментот не постојат услови за примена на повисока стапка, особено имајќи предвид дека дел од граѓаните веќе имаат платено авансни средства додека објектите се во градба.
– За да не биде оштетен ниту еден граѓанин, потребна е целосна и јасно утврдена постапка. Сега во моментот нема можност за такво нешто и затоа предложивме да продолжи да важи тој член кој вели дека повластената стапка од 5 проценти ќе остане и понатаму, посочи Димитриеска-Кочоска.
Додаде дека и во земјите со повисоки генерални стапки на ДДВ, даночното третирање на становите е пониско, притоа наведувајќи дека во Словенија редовната стапка на ДДВ за станови е 9,5 проценти.
Димитриеска-Кочоска најави дека во Министерството за финансии се работи на сеопфатни законски измени во даночната регулатива, но дека нема да има промена на даночните стапки.
– Ги отвораме законите еден по еден. Прво, данокот на добивка и персоналниот данок, а понатаму ќе бидат опфатени и останатите сегменти. Директивите ќе бидат наш приоритет врз основа на кои ќе ги усогласуваме законските измени. Во овој момент нема да има промена на даночните стапки, вели Димитриеска-Кочоска.
ноември 24, 2025

