Свет
Мировниот план на САД за Украина бара дополнителна работа, сметаат европски лидери и премиерите на Јапонија и Канада
Ги поздравуваме континуираните напори на САД за воспоставување мир во Украина и сметаме дека првичниот нацрт на планот од 28 точки вклучува важни елементи што ќе бидат од суштинско значење за праведен и траен мир, па затоа веруваме дека предлогот е основа што ќе бара дополнителна работа, се наведува во заедничката изјава на група лидери по нивната денешна средба на маргините на Самитот на Г20 во Јоханесбург.
– Подготвени сме да се ангажираме за да обезбедиме одржливост на идниот мир, се наведува во заедничката изјава на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателите на Финска и Франција, Александер Стуб и Емануел Макрон, на премиерките на Италија, Џорџа Мелони и на Јапонија, Санае Такаичи, на германскиот канцелар Фридрих Мерц и на премиерите на Велика Британија, Кир Стармер, на Ирска, Мајкл Мартин, на Канада, Марк Карни, на Норвешка, Јонас Гар Сторе, на Холандија, Дик Схоуф и на Шпанија, Педро Санчез.
Во изјавата се наведува дека лидерите се јасни во ставот за почитување на принципот дека границите не смеат да се менуваат со сила и изразуваат загриженост за „предложените ограничувања на украинските Вооружените сили, што би ја оставило Украина ранлива на идни напади“.
– Повторуваме дека спроведувањето на елементите што се однесуваат на Европската Унија и на НАТО ќе бара согласност од членките на ЕУ и НАТО. Ја користиме оваа можност да ја нагласиме силата на нашата континуирана поддршка за Украина. Ќе продолжиме тесно да се координираме со Украина и САД во наредните денови, се додава во изјавата
ноември 23, 2025

