Connect with us

Свет

ЕК не знае дали САД контактирале некого од ЕУ за мировниот план за Украина

На Европската Унија се уште формално не и е презентиран „т.н. американски мировен план“ за Украина, но таа од првиот ден од војната ја поддржува земјата и ги брани принципите на Повелбата на ОН, изјави денеска главната портпаролка на Европска комисија, Паула Пињо. 

– Не можеме да потврдиме дали имало некакви контакти со САД за оваа конкретна тема, откако документот вчера беше објавен во многу медиуми, рече Пињо во одговор на новинарско прашање дали постоела некаква комуникација за планот меѓу САД и ЕУ пред тој да биде презентиран или по неговото објавување. 

Пињо додаде дека ЕУ „многу интензивно работи“ и останува „ангажирана“ со украинскиот претседател Володимир Зеленски и Коалицијата на подготвените за постигнување траен мир во Украина. 

Во врска со, како што рече, вчера објавениот мировен план од 28 точки, Пињо информира дека претседателката на Еврокомисијата, Урсула фон дер Лајен најавила дека за ова прашање ќе разговара со европските лидерите и со учесниците на Самитот на Г20 во Јоханесбург, на кој присуствува денеска, како и дека ќе контактира и со Зеленски. 

– Претседателката повтори, како и секогаш, дека не може ништо да се решава за Украина без Украина, додаде Пињо. 

На прашање дали Фон дер Лајен планира за планот да разговара телефонски и со американскиот претседател Доналд Трамп, Пињо одговори дека засега не може да даде конкретен одговор, имајќи предвид дека претседателката на ЕК во моментов се наоѓа во Јужна Африка и не била во можност да зборува со неа за тоа.  

– Но, повиците би можеле да бидат неизбежни и може да ги има. Можно е таа да има и некакви контакти во рамките на Г20 и додека е во Африка. Доколку има релевантни информации ќе ве известиме, додаде Пињо. 

На оценката дека се добива впечаток оти ЕУ „не е особено расположена интензивно да се вклучи во предложениот мировен план“, Пињо изјави дека тоа се само лични впечатоци. 

– Ние сме многу заинтересирани за соработка со Украина и со нашите меѓународни партнери кои покажаа интерес да се дојаде до мир во оваа предолга војна и тоа е она што ќе продолжиме да го правиме, рече Пињо. 

На прашање дел колку Комисијата е уверена дека сите земји членки ќе останат единствени во врска со Украина, ако мировниот план на САД содржи нешто што не е во согласност со политиката на Европската Унија, Пињо остана без конкретен одговор. 

– Вложивме многу напори во пренесувањето на нашите пораки и нашиот став за ситуацијата во Украина до сите наши партнери, вклучувајќи ги и САД, и ќе продолжиме да го правиме тоа, беше одговорот на Пињо на прашањето. 

Во однос на некои медиумски извештаи дека претставници на ЕУ престојуваат во Киев и работат со украинсите власти на подготовка на друг мировен план, портпаролите на ЕК изјавија дека „не им е познато нешто такво“. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1