Connect with us

Свет

Белгија не е задоволна од ветените „гаранции“ за користењето на замрзнатите руски средства

Белгија смета дека „цврстите гаранции“ што претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и ги вети на земјата за да обезбеди нејзина согласност за користење на замрзнатите руски средства за исплата на финансиска поддршка на Украина, не се доволни за промена на нејзиниот став, објавија белгиските медиуми повикувајќи се на извори во Федералната влада.  

Според истите извори, не станува збор за никакви нови гаранции од Фон дер Лајен, туку за претходно дадените ветувања на Белгија, кои белгиската Влада не ги смета за доволни.  

Тие посочуваат дека не се доволни „само ветувањата“ на Фон дер Лајен, туку дека сите земји членки на ЕУ мора да дадат „сигурни правни гаранции“ и да се согласат на поделба на ризикот и на заедничко враќање на искористените руски средства доколку се појави евентуална потреба за тоа. 

Во четвртокот и белгискиот премиер Барт де Вевер изјави дека за се согласи на користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. заем за репарации за Украина, Белгија бара „силни правни гаранции” и „договорно утврдена покриеност на ризиците” од другите земји членки на ЕУ, па евентуално дури од држави надвор од блокот. 

Фон дер Лајен во понеделникот упати писмо до лидерите на земјите членки на ЕУ, во кое се осврнува на можните опции за обезбедување на средства за финансиска поддршка на Украина. Писмото уследи откако на Самитот на ЕУ одржан кон крајот на октомври, европските лидерите се обврза дека Унијата ќе ги покрие финансиските потреби на Киев за следните две години и ја задолжија Европската комисија да предложи опции за обезбедување на овие средства.  

Во писмото Фон дер Лајен наведува три опции за обезбедување на средствата – исплата на грантови или субвенции од сите или што е можно повеќе земји членки на ЕУ согласно висината на нивниот БДП, самата ЕК да позајмува пари на пазарите на капитал со што би се зголемил долгот на ЕУ и користење на замрзнатите средства на руската Централна банка за позајмица со условна обврска за враќање или т.н. заем за репарации.   

– Трите опции не мора да се исклучуваат меѓусебно. Тие можат да се комбинираат или да се користат една по друга, вели Фон дер Лајен во писмото.  

Таа додава дека најпреферирана опција за Еврокомисијата е третата, односно т.н. заем за репарации и за нејзина реализација земјите членки на ЕУ „мора да обезбедат правно обврзувачки, безусловни, неповратни и повратни гаранции“.  

Фон дер Лајен порача дека Белгија нема да биде оставена сама да се соочува со евентуалните ризици доколку биде постигнат договор за користење на замрзнатите руски суверени средства за поддршка на Украина. Според неа, гаранциите ќе се однесуваат на ризиците што произлегуваат од билатералните инвестициски договори што земјите членки на ЕУ ги имаат склучено со Русија. Меѓу овие земји е и Белгија, која има таков договор со Москва од 1989 година.  

Русија не може да ја уценува Европа со своите енергетски ресурси и нема да ѝ биде дозволено да ги заобиколува и избегнува санкциите барајќи плаќање во рубљи за нејзините испораки на нафта и г

Сепак, иако во писмото Фон дер Лајен не го објаснува точниот начин на справување со ризиците, таа им препорачува на земјите членки на ЕУ што имаат важечки билатерални инвестициски договори со Русија, да ги раскинат.  

– Европа не може да си дозволи парализа, ниту преку двоумење, ниту преку потрага по совршени или едноставни решенија што не постојат, заклучи Фон дер Лајен во писмото.  

Обврската на лидерите на ЕУ за Европската комисија за „предлагање опции“ уследи откако на октомврискиот Самит не беше постигнат консензус за усвојување на нејзиниот предлог за т.н. заем за репарации за Украина, токму поради противењето на Белгија.  

Предлог на Европската комисија предвидува користење на 140 милијарди евра од замрзнатите руски суверени средства во ЕУ за т.н. заем за репарации за покривање на финансиските потреби на Украина за 2026 и 2027 година. Согласно предлогот, Украина би ја вратила оваа позајмица откако Русија би и исплатила репарации за штетите предизвикани за време на руската инвазија врз земјата.   

Најголем дел од средства во сопственост на Русија или нејзини државјани, кои беа замрзнати во ЕУ во 2022 година како одговор на руската агресија врз Украина, се наоѓаат во бриселскиот депозитар „Еуроклир“. Станува збор за околу 193 милијарди евра, од кои речиси 180 милијарди евра се суверени средства во сопственост на Централната банката на Русија. Дополнително, уште околу 25 милијарди евра руски суверени средства се замрзнати во други земји членки на ЕУ, пред се Германија, Франција и Луксембург. 

Белгиската Влада тврди дека користењето на овие средства би можело да го нарушил угледот на Белгија како сигурен депозитар и да резултира со повлекување на депонираните странски средства во земјата, а изразува загриженост и околу легалноста на таквата постапка.   

Дополнително, Белгија бара и цврсти гаранции од други земји членки дека ќе ја споделат одговорноста доколку некогаш се дојде во ситуацијата искористените пари од сега замрзнатите средства да треба да и се вратат на Русија.  

Повеќето држави членки на ЕУ сметаат дека загриженоста и приговорите на Белгија мора да се земат предвид многу сериозно, но дека во исто време и на Украина и се потребни финансиски средства. Белгија тврди дека е свесна за потребите на Киев, но смета дека користењето на руските средства е „правно неистражена територија“ и дека треба да се разгледаат и други можности за обезбедување на потребите пари за поддршка на Украина. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4