Connect with us

Вести

Нов апарат за магнетна резонанца и лапароскопски столбови промовирани на УК за хируршки болести „Св. Наум Охридски“

Нов апарат за магнетна резонанца од 1,5 Тесла, два лапароскопски столбови, инструментариум, односно апаратура за користење во салите за трауматологија доби Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“. Вкупната вредност на опремата, која Клиниката ја доби со помош на Владата, е околу 90 милиони денари (1,5 милиони евра).

На промовирањето на новата опрема на Клиниката денеска присуствува премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

– Пресреќен сум што имам можност да презентирам дел од опремата која ја добивме со помош на Владата. Со овие нови генерации апарати за магнетна резонанца се скратува времетраењето на прегледите односно се зголемува бројот на прегледи кои може да се извршат во текот на еден ден, што значи дека ако во претходниот период со оној апарат кој сме го имале и бил стар 16 години и сме правеле 4.000 магнетни резонанци на годишно ниво, тоа подразбира дека очекуваме дека со новиот апарат да правиме најмалку 5.000, а тоа се зависи од бројот на смени во кои ќе се работи, изјави директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, д-р Небојша Настов. 

Посочи дека со овие нови генерации апарати за магнетна резонанца се скратува времетраењето на прегледите односно се зголемува бројот на прегледи кои може да се извршат во текот на еден ден, што значи дека ако во претходниот период со оној апарат кој го имале и бил стар 16 години и правеле 4.000 прегледи на магнетна резонанца на годишно ниво, очекуваат со новиот апарат да прават најмалку 5.000 прегледи на магнетна резонанца, а тоа се зависи од бројот на смени во кои ќе работат.

– Верувајте дека ако имате четири операциони сали тие може да станат осум доколку имате доволно персонал да работите во две смени, што поздразбира дека не е се во самиот број операциони сали, битно е времетраењето односно нивната експозиција кон пациентите, истакна д-р Настов.

Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека планот е во соработка со Владата да се направи пренамена на одредени простории во Клиниката, да се отвори Ургентен центар кој ќе има комплетно посебен влез и каде нема да се мешаат ургентните пациенти со оние кои доаѓаат на редовни контроли и оние кои доаѓаат закажани со МојТермин. 

Премиерот Мицкоски изјави дека на неколку фронтови во здравството се работи и се вложува, а треба да се вложува уште многу пати повеќе од ова кое сега се прави, бидејќи за жал многу малку е направено со минатото.

– Деведесет милиони денари сепак не е малку, не е ни многу, но не е ни малку, имајќи предвид дека речиси ништо не е правено, не со години, со децении, само приказни се кажувани. Како Влада сериозно се зафативме со овој проблем. Заедно со министерот, во периодот што следи ќе имаме еден подолг ресорен состанок на кој ќе ги определиме чекорите за понатаму. Ќе има сериозни реформи, и структурни, но и квалитативни, и убеден сум дека за неколку години од денеска ќе имаме комплетно  нова претстава во здравството. Бидејќи често пати зборувам, ќе го повторам тоа и денеска, дека како Влада одвојуваме за здравството повеќе од една милијарда евра. Нешто што досега никогаш не било ни приближно толку направено. Да речеме само во годината за време на ковидот таа бројка била некаде околу 500-550 милиони евра. Значи сега сме, би рекол, два пати повеќе. И повторно имаме проблеми. И тоа е нешто коешто нас не вознемирува, рече Мицкоски.

Луѓе, посочи премиерот, алармираат, даваат одредени индиции, за одредени појави коишто не се добри, кај одредени лица, но никако да дојдеме до реализација и до доказ.

– Тоа е она што за мене претставува, како прв човек на Владата, сериозен предизвик. И убеден сум дека во периодот што следи ќе дојдеме и до такви озбилни докази за тие индиции кои луѓето ги кажуваат. Ги повикувам да се охрабрат за да можеме заеднички, имаме ние алатки како тоа да го направиме, за да докажеме девијантно однесување. Во спротивно ќе бидеме неуспешни, рече Мицкоски. 

Појасни дека зградата, каде што е сместена Универзитетската клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, е споменик на културата и така лесно не може да се интервенира, има процедури.

– Јас сум поддржувач на планот на директорот да направиме одредени реконструкции, но за тоа треба да имаме и соодветни правни документи коишто ќе ја дозволат таа реконструкција, имајќи предвид дека сепак ова е споменик на културата, како зграда зборам. Инаку, вие видовте доле што се случува, дека и ургентните пациенти и оние кои се редовни, односно закажани по „МојТермин“ се измешани и навистина глетката е, би рекол, недобра. За да биде добра, треба една координирана акција на повеќе институции и дозвола од повеќе институции за да можеме нешто да направиме. Не секогаш зависи само од желбата, туку има и некои други моменти што треба да бидат исполнети, истакна премиерот. 

Нагласи дека е убеден дека многу скоро од денеска, секој еден граѓанин ќе може да почувствува дека јавното здравство нуди услуги кои се конкурентни и квалитетни.

– Тоа е она кое можам јас да го кажам. Иако и до ден денеска, јас можам да им честитам на овие луѓе коишто се дел од јавното здравство за тоа што го прават, најголемиот дел. Затоа што прават вонсериски напори, вложуваат вонсериски напори, и вие самите констатиравте дека овде конкретно луѓево се за Гинис. Затоа мора да направиме една координирана акција, како за оној персонал и за медицинските работници да обезбедиме соодветни услови, но од друга страна оние здравствени мешетари кои што го разрушуваат имиџот да ги пронајдеме и да ги санкционираме. Затоа не можам секогаш да се сложам со луѓето кои го напаѓаат јавното здравство затоа што тоа не е вистина. Затоа што во јавното здравство, работат луѓе кои даваат се од себе. Како претседател на Владата ќе сторам се што можам да помогнам, колку можеме во рамките на нашите можности, да направиме едно силно јавно здравство, додаде Мицкоски. 

Министерот Алиу рече дека продолжуваат каде што застанале заради локалните избори.

– Ова е уште еден имплементиран проект од Владата и Министерството за здравство, за унапредување на дијагностичките процедури, со цел овозможување здравствени услуги во реално време и со повисок квалитет, додаде Алиу.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 1