Свет
Трет ден пожар во Јапонија: Една жртва и над 170 уништени објекти
Гувернерот на префектурата Оита, Киичиро Сато, изјави дека се надева оти големиот пожар што гори трет ден во југозападниот дел на Јапонија ќе биде ставен под контрола до крајот на денот.
Во пожарот загина едно лице, а уништени се повеќе од 170 згради, пренесе Кјодо.
Локалните пожарникари и Силите за самоодбрана на Јапонија (СДФ) работат на гаснење на пожарот, кој од вторникот попладне, кога првпат бил пријавен во полиција, уништи околу 48.900 квадратни метри во пристанишниот кварт Саганосекија во градот Оита.
Локалните власти соопштија дека пожарот се проширил и надвор од Саганосекија, зафаќајќи ги блиските пошумени области и ненаселен остров оддалечен околу 1,4 километар. Пожарот доаѓа по низа слични инциденти во Јапонија во 2025 година.
Пожарот во Офунато во префектурата Ивате во февруари проголта околу 3.370 хектари, а гаснењето траеше 40 дена.
Во март, силни ветрови предизвикаа пожари во префектурите Ехиме и Окајама, уништувајќи згради и палејќи околу 1.000 хектари, а на локалните власти им требаше околу една недела да ги стават под контрола.
ноември 20, 2025

