Connect with us

Живот

НАСА објави нови слики од кометата „3-И / Атлас“, којашто е „гостин“ во Сончевиот Систем

По големите најави, НАСА објави низа нови, досега најподробни слики од меѓуѕвездената комета „3-И / Атлас“. Низ целиот Сончев Систем, од опсерваториите на Земјата до вселенските летала во меѓупланетарниот простор, бројните мисии на американската вселенска агенција успеаја да го сликаат ова вселенско тело како се движи низ нашето блиско пространство, пишува „Сајенс-алерт“ (ScienceAlert).

Најблиските набљудувања дојдоа од Марс, којшто, како што забележа Ники Фокс, заменик-администратор на Дирекцијата за научни мисии, „кометата беше токму во орбитата на Марс“, т.е. соседната нам планета беше на космички најблиската оддалеченост од кометата. Сликите беа направени од „Марсовиот извидувачки орбитер“ (МРО), што првично е задолжен да ја истражува „Црвената Планета“. Леталото ја сними „3-И / Атлас“ од растојание од само 30 милиони километри на 2 октомври оваа година.

– Кометата „3-И / Атлас“ ја достигна својата најблиска точка до Сонцето кога Земјата беше на „погрешната“ страна, за да можеме правилно да ја набљудуваме, рече планетарниот научник Том Статлер. – Но, Марс беше на вистинската страна од Сонцето, па нашите инструменти на Марс беа во можност да ја набљудуваат кометата. И неколку други наши вселенски летала беа на вистинската страна од Сонцето. Затоа, научната заедница е навистина возбудена за кометата и овие нови набљудувања.

Научниците и јавноста со нетрпение ја следеа кометата откако првпат беше забележана од телескопот „АТЛАС“ на 1 јули 2025 година. Нејзините својства ја прават различна од која било комета видена претходно, но нејзината траекторија ја става на спротивната страна од Сонцето од Земјата за време на нејзиниот перихел на 29 октомври – клучно време за набљудување на активноста.

За среќа, голем број вселенски мисии беа во можност да се одвојат од своите главни мисии за да ја набљудуваат кометата.

Покрај „МРО“, и орбитерот „МАВЕН“ на НАСА ја набљудуваше кометата во ултравиолетови зраци, собирајќи податоци за водородот во нејзината атмосфера и опашка. Во меѓувреме, роверот „Упорност“ беше совршено позициониран за набљудување од површината на Марс. Слики беа направени и од сончевите опсерватории „Панч“, „Стерео“ и „Сохо“, како и од леталата „Луси“ и „Сајк“, коишто се движат кон Астероидниот Појас.

Според науката, дефинитивно се работи за комета, а не за вселенско летало со вонземско потекло. Гласините се расчистени.

– Би сакал да се осврнам на гласините. Мислам дека е важно да се зборува и за ова. Ова тело е комета. Изгледа и се однесува како комета, а сите докази укажуваат дека е комета. Но, таа дојде однадвор во Сончевиот Систем, и тоа ја прави фасцинантна, возбудлива и научно многу важна, рече помошник-администраторот на НАСА, Амит Кшатрија.

Тоа е потврдено и со неодамнешна фотографија направена од астрофотографот Сатору Мурата од Ново Мексико (САД), на 16 ноември.

Што е следно? Приказната за кометата „3-И / Атлас“ сè уште не е завршена. Нејзиното најблиско приближување до Земјата ќе се случи на 19 декември. Иако тоа сè уште не е опасно растојание, тоа ќе биде најдобрата можност за набљудување со телескопи и камери од нашата планета.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 4