Свет
Федерален суд ја поништи изборната карта на Тексас наметната од републиканците
Американски федерален суд ја поништи новата карта на изборни области во Тексас, која беше наметната од републиканците, кои ја контролираат власта во втората најнаселена сојузна држава во земјата.
Маневарот, наметнат од партијата на претседателот Доналд Трамп, имаше за цел да обезбеди пет дополнителни места за републиканците во Претставничкиот дом на Конгресот на претстојните меѓуизбори во ноември следната година.
Федералниот суд, по жалба од афроамерикански и латиноамерикански гласачи кои сметаат дека новото исцртување на изборните области во Тексас е дискриминаторско, го замрзна дејството на законот и нареди следните избори да се спроведат врз основа на картата од претходните избори, одржани во 2022 и 2024 година. Судот својата одлука ја аргументираше со тоа дека „има сериозни докази дека (новата карта е нацртана) на расна основа“.
Републиканскиот гувернер на Тексас, Грег Абот, ги отфрли овие мотиви како апсурдни и вети дека брзо ќе поднесе жалба на одлуката пред Врховниот суд на САД, каде конзервативците имаат мнозинство.
Суштината на спорот е во тоа што областите со доминантно латиноамериканско или афроамериканско население – каде демократската кандидатка Камала Харис освои најмногу гласови на минатогодишните претседателски избори – беа фрагментирани и обединети со области контролирани од републиканците. Ова, според дел од аналитичарите, е направено со цел да се разводни гласот на демократите и да може партијата на Трамп да обезбеди до пет дополнителни места во федералниот Конгрес.
Како одговор на ваквиот потег, демократите ги прецртаа изборните области во најнаселената американска држава – Калифорнија, која е под нивна контрола, со цел да си обезбедат пет дополнителни места во Претставничкиот дом како компензација за Тексас.
Ова предизвика стравувања од слични акции во голем број сојузни држави.
Во 2019 година, Врховниот суд на САД пресуди дека нема надлежност да ја запре т.н. џеримандеринг (практиката на прецртување на изборните области од чисто политички причини), освен ако тој не е мотивиран на расна основа.
ноември 20, 2025

