Connect with us

Свет

Москва нема да учествува во разговорите меѓу САД, Украина и Турција

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, нагласи дека Москва нема да биде застапена на разговорите меѓу специјалниот пратеник на Соединетите Американски Држави, Стив Виткоф, претседателот на Украина, Володимир Зеленски, и турски претставници, кои се најавени за утре во Истанбул.

Тој додаде дека Кремљ сè уште не добил никакви информации од Украина во врска со продолжување на дијалогот.

Истовремено, Москва е отворена за разговори за решение, факт што е добро познат во Вашингтон, Истанбул и Киев, пренесе Риа новости.

Песков појасни дека рускиот претседател, Владимир Путин, во моментов нема планови да контактира со Виткоф или со турските претставници.

Тој истакна дека Путин би бил отворен за разговор доколку некој од нив смета дека е потребно да ја информира Русија за нивните разговори со Зеленски. „Засега овие контакти се одвиваат без руско учество“, рече Песков на прес-конференција, напоменувајќи дека Кремљ сè уште нема информации за подготвеноста на Киев за дијалог.

Виткоф планира утре да ја посети Турција и да учествува во разговори со Зеленски, соопшти турски извор.

Турција има за цел да ги продолжи преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул, но сè уште нема конкретни детали, рекол турски дипломатски извор за Риа Новости.

Песков исто така изјави дека Русија не добила никакви информации од Киев за нивната намера да ги продолжат преговорите.

– Сè уште не сме добиле никакви информации од Киев. Изгледа дека Зеленски мислел на контактите што ќе се одржат утре во Истанбул. Тоа се неговите контакти со нашите турски пријатели, на кои веројатно ќе им се придружи господин Виткоф. Ќе ги почекаме резултатите од овие разговори, рече Песков.

Претходно, турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, изјави дека руско-украинскиот судир се приближил до фаза на запирање и не ја исклучи можноста за нова рунда преговори.

– Русија и Украина одржаа три рунди директни преговори во Истанбул. Резултатот беше размена на заробеници. Покрај тоа, Русија ги предаде телата на загинатите украински војници на властите во Киев. Страните, исто така, разменија нацрти на меморандуми за решавање на конфликтот, рече Фидан.

Кремљ претходно изрази загриженост за финансирањето на Украина, наведувајќи дека корупциските скандали би можеле да доведат до проневера на средства и дестабилизација. „Ако парите се испратат во Киев, априори е јасно дека еден дел од тие пари, можеби незначителен, едноставно ќе биде проневерен. Затоа, последиците од овој скандал се веќе очигледни. А како ќе се развива понатаму, ќе видиме сите заедно, рече Песков.

Песков, исто така, ја критикуваше Франција, тврдејќи дека Париз „поттикнува провоено расположение“ и не придонесува за целта на мирот. „Франција продолжува да го вооружува Киев. Франција го прави тоа сега и планира да го стори тоа и утре. За жал, Париз во никој случај не придонесува за целта на мирот. Париз во моментов поттикнува војна и провоени расположенија, истакна тој. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3