Свет
Белгиски пратеник говори веќе 26 часа во обид да блокира усвојување на Предлог-закон
Белгискиот пратеник Винсент Ван Квикенборн од редовите на опозициската партија Отворени Фламански либерали и демократи (Опен ВЛД) говори на четири продолженија на седницата на Комисијата за финансии на Претставничкиот дом, во вкупно време траење од 26 часа, во обид да го блокира усвојувањето на Предлог-законот за откривање измами.
„Филибастерингот“ на Ван Квикенборн започна на комисиската седница на 21 октомври, по што продолжи на 5 ноември, а потоа и на 12 ноември, кога без прекин говореше 11 часа. Вчера обраќањето на Ван Квикенборн продолжи и на седницата што започна во 14 часот и траеше од вечерните часови.
Станува збор за законски предлог со кој би им се овозможил на даночните власти пристап до тајните банкарски податоци на граѓаните, како што се информации за висината на платата, кредити или приходи од имот, со цел побрзо откривање на евентуални даночни измами. Според предлогот, овие банкарски податоци алгоритамски би се споредувале со даночните пријави и доколку се детектираат „значителни несовпаѓања“, даночните би реагирале.
Владата тврди дека можноста за контрола на банкарските податоци ќе биде ограничена на организираниот криминал и на „сериозните криминалци“, но според Ван Квикенборн со овој закон властите ќе имаат „пристап до банкарските сметки на сите 11 милиони Белгијци“.
– Ова значи дека Владата секој граѓанин го смета за потенцијален измамник. Со тоа таа ги крши нашите основни права и целосно ја поткопува презумпцијата на невиност, изјави Ван Квикенборн.
На владиниот Предлог-закон реагираа и белгиската Управа за заштита на податоците и Државниот совет, кој е највисок административен суд во земјата, кои изразија сомнеж дека ваквиот закон би претставувал „прекумерно кршење на приватноста“ и може да доведе до „ризик од грешки“.
Деловникот на белгискиот Парламент овозможува пратеник да може неограничено да говори на седница на парламентарна комисија, но притоа мора да зборува исклучиво за темата или законскиот предлог што е на дневен ред.
Целта на Ван Квикенборн е да спречи завршување на комисиската расправа по Предлог-законот и негово усвојување на пленарна седница пред Нова година, со што би стапил во сила на 1 јануари 2026. Според белгиското законодавство, законите поврзани со даночниот систем мора да стапат во сила на стартот на календарската година.
ноември 19, 2025

