Економија
„Роботика – иновации кои го менуваат светот“: Имаме многу талентирани млади луѓе, да ги задржиме во Македонија
Промоција на иновациите, роботиката и технолошкиот развој предвидува настанот „Роботика – иновации кои го менуваат светот“ што беше отворен денеска во рамки на Глобалната недела на претприемништво 2025.
Го организира Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво (ИНОВА), а учествуваат претприемачи, компании, институции и млади иноватори.
-Македонија, посебно младите луѓе, имаат навистина добри бизнис идеи кои секогаш ќе бидат поддржани од Владата. Ова е само почеток, вакви настани ќе има повеќе, рече заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески кој присуствуваше на отворањето.
Од Електро-техничкиот факултет велат дека земјава има многу талентирани студенти, но голем дел од нив, посебно најдобрите, заминуваат во странство.
-Денешниот настан покажува дека сме во чекор со светскиот тренд. Тука може да се види креативноста и потенцијалот на нашите инженери и на студентите. Тоа го имаме и отсекогаш сме го имале. Со правилни акции и инвестирања во науката, старт-апите и малите и средните претпријатија ќе овозможиме младите таленти и ентузијасти да останат во државата и тука да ја градат својата иднина. Кај младите има голем интерес за техничките науки, наше е да ги задржиме тука и да го исползуваме тој интерес. За жал, заминуваат во голем, загрижувачки број и голем дел од најдобрите, изјави Горјан Наџински од Институтот за автоматика и системско инженерство.
Според претседателот на Сојузот на стопански комори Горан Ѓорѓиевски, човечкиот капитал е најважен за приватниот бизнис и треба да се направи се за да се задржи во земјава.
-Апсоултно одиме на тој пат, комапниите да ги задржат своите врабоптени, тие да не заминат во западните земји, но има праг преку кој не може да се оди зашто компаниите може да дојдат во ситуација да го загрозат својот опстанок. Ние сметаме дека треба да се направи се за нашите вработени да останат тука, но мора да се постигне баланс, истакна Ѓорѓиевски и додаде дека во земјава веќе работат околу 10 000 лица од источните земји.
ноември 17, 2025

