Свет
Чиле: Во вториот круг од претседателските избори ќе се соочат комунистката Хара и десничарот Каст
Комунистката Жанет Хара и десничарскиот политичар Хозе Антонио Каст ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори во Чиле, како освојувачи на најмногу гласови во вчерашниот изборен ден, соопшти актуелниот претседател Габриел Бориќ.
„Честитки за Жанет Хара и Хозе Антонио Каст за пласманот во вториот круг. Следната недела, на 14 декември, Чиле уште еднаш ќе го избере својот следен претседател“, рече Бориќ во обраќањето од палатата Ла Монеда.
Ниту поранешната министерка за труд, Хара, која освои 26,8 отсто од гласовите со 97,2 отсто преброени ливчиња, ниту Каст (24 отсто), кој загуби од Бориќ во вториот круг во 2021 година, не се доближија до потребните 50 отсто од гласовите за директна победа, според изборната власт.
Економистот Франко Париси (19,6%) изненадувачки, беше трет, следен од екстремно десничарскиот Јоханес Кајзер (13,9%) и конзервативната Евелин Матеи (12,5%).
Изборната кампања во јужноамериканската земја беше фокусирана на економските прашања, криминалот и миграцијата. Иако Чиле сè уште е една од најбезбедните земји во регионот, криминалот неодамна се зголеми во некои области.
На актуелниот левичарски претседател Бориќ не му беше дозволено повторно да се кандидира по неговиот четиригодишен мандат поради уставни причини.
И покрај тоа што освои најмногу гласови, Хара се смета за кандидат со помали шанси во вториот круг. Ултраконзервативниот Каст од Републиканската партија, за разлика од неговата ривалка, има реална шанса да ги мобилизира гласовите на неговите поразени противници од десничарскиот табор.
Во обраќањето пред поддржувачите, Каст им се заблагодари на Кајзер и Матеи. – Иако имавме разлики кои се легитимни во една изборна кампања, многу повеќе е она што нè обединува, рече тој.
– Наш единствен противник е континуитетот, и ние ќе го победиме продолжувањето на статус кво на 14 декември, рече Каст, татко на девет деца и побожен католик, откако тврдеше дека „ако победи Хара, Бориќ ќе продолжи да владее“.
Хара, исто така, го истакна „изненадувањето на вечерта, Франко Париси… сакам да му честитам затоа што можеше со радикални и иновативни средства да ги протолкува чувствата на граѓаните“.
Победа за десничарскиот кандидат во вториот круг се смета за веројатна доколку поразените ривали можат да се обединат.
Покрај новиот претседател, вчера се избираа и речиси половина од сенаторите и сите 155 членови на Домот на пратеници.
Околу 15,8 милиони луѓе имаа право на глас, а гласањето во Чиле е задолжително.
Идниот шеф на државата треба да ја преземе функцијата на 11 март 2026 година.
ноември 17, 2025

