Економија
Вицегувернерката Митреска: Политиките на централната банка придонесуваат за намалување на инфлацијата и за одржување на финансиската стабилност
„Македонската економија покажува стабилност и отпорност, и покрај зголемената светска геополитичка неизвесност. Народната банка одигра значајна улога во зачувувањето на стабилноста на економијата преку внимателно обмислени мерки што придонесоа за смирување на инфлацијата и зајакнување на стабилноста на финансискиот систем“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во своето обраќање на дванаесеттата конференција по ред насловена како „Инвеститорски појадок на Ерсте“, којашто традиционално ја организираат австриската групација „Ерсте“ и македонската „Шпаркасе банка“.
Вицегувернерката посочи дека инфлацијата во домашната економија постепено се намалува и е далеку од максимумот достигнат во екот на светската инфлациска епизода. „Иако инфлацијата главно се движи по надолна патека, процесот сè уште не е целосно завршен. Нашите проекции упатуваат на нејзино постепено враќање кон историското ниво во следните две години, под услов да не се појават нови шокови на светските пазари и да има ограничени притисоци на страната на домашната побарувачка“, рече Митреска.
Таа подвлече дека девизниот пазар е стабилен, а нивото на девизните резерви е високо и е доволно за целосно да ја гарантира стабилноста на денарот. Ваквата стабилност, заедно со смирените инфлациски очекувања и растот на денарските заштеди, ги потврдува довербата и кредибилитетот на Народната банка како важни фактори за ефикасноста на монетарната политика.
Говорејќи за монетарната политика, вицегувернерката посочи дека во 2024 година Народната банка започна со постепена нормализација на каматната стапка, во услови на опаѓање на инфлацијата и инфлациските очекувања, како и поволна надворешна позиција. Сепак, со повторното појавување на неизвесност во светот на почетокот на 2025 година и на одредена инерција кај инфлацијата, политиката беше приспособена со определба за повнимателен пристап со цел да се осигури понатамошно забавување на инфлацијата и нејзино сведување кон историскиот просек во догледен временски период.
Во однос на финансискиот систем, Митреска истакна дека Народната банка во изминатиот период го засили макропрудентниот инструментариум за дополнително да ја зајакне отпорноста на банкарскиот сектор и за да ја поддржи ефективната поставеност на монетарната политика.
На крајот од своето обраќање, вицегувернерката нагласи дека во услови на зголемени геополитички ризици и можни почести непредвидливи шокови на страната на понудата, Народната банка и во иднина ќе има внимателен и приспособлив пристап заснован на релевантни информации и податоци, заради одржување на ценовната и финансиската стабилност како предуслов за одржлив економски раст.
ноември 14, 2025

