Connect with us

Економија

ССМ: Работниците бараат минимална плата од 600 до 700 евра

Работниците во земјава сметаат дека минималната плата треба да се зголеми од 600 до 700 евра, покажува анкетата што ја спроведе Сојузот на синдикати на Македонија на 11 и 12 овој месец на репрезентативен примерок од 1.613 испитаници.

Ова е повеќе од досегашното барање на ССМ, кое се позиционираше на 500 евра. Сега изнесува 24.400 денари.

На прашањето „Колку треба да изнесува минималната плата“, од вкупниот број испитаници 45,2 проценти одговориле дека минималната плата треба да се зголеми на 600 евра, 42 проценти сметаат дека минималната плата треба да изнесува 700 евра, а 12,8 проценти дека таа треба да изнесува 500 евра.

Најголем дел односно 99,5 проценти од испитаниците сметаат дека зголемувањето треба да се случи до крајот на годинава. Доколку не се зголеми минималната плата, 52,8 проценти се подготвени да протестираат, а 47,2 проценти да штрајкуваат.

– Заклучокот од Анкета за потребите на работниците во однос на растот на минималната плата во Република Македонија е дека барањето за зголемување на минималната плата не е желба на поединци, туку потреба на работниците во Македонија, велат од ССМ.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека минималната плата ќе се зголеми согласно закон во март, а дали ќе има интервентно зголемување ќе зависи од договорот меѓу синдикатите и работодавачите.

– Знам дека во ноември ќе имаме седница на Економско-социјалниот совет и очекувам тоа прашање да се отвори таму така што ние како Влада ќе го прифатиме секое решение кое што ќе го договорат работниците и работодавачите, изјави Мицкоски по свеченоста на која беше одбележана 25-годишнината на Фондот за здравствено осигурување.

Вчера пак, министерот за економија Бесар Дурмиши, ги „олади“ синдикатите велејќи дека нема да има вонредно зголемување на „минималецот“, туку дека ќе се чека редовното усогласување во март идната година, најавувајќи дека зголемувањето ќе биде за околу 2.000 денари, иако не е јасно од каде е таквата процена, со оглед дека според Законот за минимална плата, усогласувањето, кое се врши еднаш годишно, се прави врз основа на растот на трошоците за живот, растот на просечната плата во државата, и продуктивноста на економијата. Овие податоци Државниот завод за стаистика ги објавува во фебруари, а минималната плата се менува во март.

Дурмиши смета дека доколку се подлегне на притисокот од синдикатите, таквата одлука ќе изврши притисок на малите и на средните претпријатија, кои ќе немаат финансиски средства да ги платат вработените, но ќе влијае и на инфлацијата

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 1