Вести
Беџети: Кривичната пријава е политички монтирана и правно неоснована
Пратеникот од ДУИ Блерим Беџети, кој три мандати беше градоначалник на Сарај денеска на прес-конференција во Собранието се осврна на кривичната пријава, што вчера беше покрената против неколку лица, меѓу кои е и тој, за проневера на 108 милиони денари или 1,7 милиони евра, нагласувајќи дека станува збор за политички монтирана и правно неоснована. Според него пријавата е дел од организирана хајка, режирана од власта и директно од премиерот Христијан Мицкоски, со, како што посочи, јасна цел да се врши притисок врз него како пратеник за да се зголеми мнозинството.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје вчера поднесе кривична пријава против неколку лица, меѓу кои и Беџети, под сомнение дека групата на чело со тогашниот градоначалник измислила урбанизација на неурбанизирана парцела во ДУП, изработила лажна дозвола за градба, измислиле надомест за уредување градежно земјиште, па дури извршиле и „технички преглед“ на нелегално изградениот објект, сопственост на фирма од Глумово, родното село на Беџети.
-Денеска јавно порачувам дека ниту јас, ниту кој било друг од пратениците на ДУИ не се плаши и нема да попушти пред притисоците на власта. Кривичната пријава поднесена од страна на Финансиската полиција е целосно неоснована и затоа против директорот Слободан Ивановски, заменик-директорот Илбер Имери и уште две лица, кои заедно со нив учествувале како организирана банда во оваа политичка хајка ќе поднесеме соодветна пријава. Ќе докажеме преку доказите со кои располагаме, за наредбите кои доаѓаат директно од премиерот Мицкоски, кои се директен обид за вршење притисок врз мене како пратеник со цел да го зголемат мнозинството во Парламентот. Затоа денес јавно им се обраќам со порака дека нивните функции не се вечни, ама нашата борба за правата на Албанците, која нашиот лидер Али Ахмети ја води 20 години е чесна и искрена. Никој од пратениците на ДУИ нема да потклекне на вашите притисоци и да премине во ВЛЕН, а најмалку јас, рече Беџети.
На прашањето дека клучниот аргумент на Финансиска полиција е давањето одобрение за градба во момент кога немало ДУП, Беџити рече дека ДУП-от е донесен кога тој бил градоначалник, а министер и градоначалник на Скопје биле од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
-Постои Детален урбанистички план, одговори Беџети и нагласи дека сите постапки на општината биле спроведени во рамки на законските надлежности со валидни документи и акти и во ниту еден момент немало умисла, корист, ниту штета, рече Беџети.
Додаде и дека Законот за локална самоуправа јасно кажува дека градоначалникот издава одобрение за градба и рече дека тоа е негова законска должност, а не криминал.
-Законот за градење дозволува издавање на одобрение врз основа на важечки план или урбанистички проект. Токму така и било постапено, не постои материјална штета, ниту еден денар загуба за општината. Се е документирано и се е чесно. Тие вчера скандалот го зборуваа за 108 милиони денари штета, тоа е само измислица за да се прави медиумски спектакл за да не оцрнат и да не заплашат ама лагите не се доказ и токму затоа оваа измислена и политички нарачана пријава брзо ќе падне, додаде Беџети, според кого оваа пријава не е само напад врз нив, туку и врз достоинството на Албанците.
На прашањето дали го познавал и бил близок со инвеститорот, рече дека како градоначалник на Сарај во три мандати, тој ги познава скоро сите и секако и инвеститорот, но додаде дека не е близок со него.
За тоа како ќе постапува пратеничката група на ДУИ во Собранието во однос на законите кои чекаат, како Изборниот, Законот за локална самоуправа…, за кои е потребен Бадентер, Беџети рече дека пратениците на ДУИ и коалицијата не се декор, кој го одобрува сето она што го предлага Владата и парламентарното мнозинство. Тој кажа дека земјава добила досега најлош извештај од Европската комисија и дека тие како пратеничка група се подготвени да поддржат се што е суштинско и што кореспондира со европските стандарди.
Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе кривична пријава против осум физички лица – поранешни функционери и службеници во Општина Сарај и Град Скопје, како и надзорен инженер, поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и фалсификување или уништување на деловни книги.
Како што информираа од Управата, кривична пријава е поднесена против лицата Б.Б. во својство на поранешен градоначалник, С.Ш. и Ќ.К. во својство на поранешни секретари во Општина Сарај, А.С. и Ќ.А. во својство на раководители на сектор за урбанизам во Општина Сарај, А.Ш. во својство на помлад соработник во Општина Сарај, И.Б.Ш. во својство на раководител на сектор за планирање и уредување на просторот во Град Скопје и Љ.Т. во својство на надзорен инженер, за сторени кривични дела: „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик на РСМ, „Несовесно работење во службата“ од член 353–в од Кривичниот законик на РСМ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“ од член 280 од Кривичниот законик на РСМ.
-Постојат основи на сомнение дека пријавените лица, вработени во Општина Сарај, иако биле свесни дека за катастарската парцела КП 10405/6 КО Сарај не постои донесен детален урбанистички план, со пречекорување на своите службени овластувања изготвиле и одобриле извод од план и одобрение за градба со невистинита содржина, како и пресметки за надоместок за уредување на градежно земјиште, спротивно на законските прописи, а надзорниот инженер извршил технички преглед на објектот и изготвил завршен извештај со невистинита содржина, соопшти вчера Управата за финансиска полиција.
На овој начин, се вели во вчерашното соопштението, пријавените лица, злоупотребувајќи ја својата службена положба и овластувања, како и несовесно вршејќи ги своите должности, му овозможиле на правниот субјект „Азра Идриз“ ДООЕЛ с. Глумово, Скопје – Сарај да се стекне со противправна имотна корист во износ од 108.638.840 денари.
ноември 14, 2025

