Вести
Мицкоски: Политичка стратегија на опозицијата беше нечистењето на сметот во Град Скопје
Премиерот Христијан Мицкоски е задоволен од вчерашната акција за чистење на градот Скопје, од брзата мобилизација за таа акција да се реализира. Можеби, вели тој, делува смешно да се зборува за чистење смет во 21 век, но вели некој го донел градот во ваква состојба.
– Ова беше политичка стратегија на опозицијата преку неработењето на претходната градоначалничка да се нанесе штета пред се на Владата и на државата и морам да признаам дека во одредена мера успеа сето тоа, но, ние таа лекција ја научивме и затоа уште од првиот ден ги засукавме ракавите. Започнуваме од темелите и од под темелите. Така беше и во Владата кога дојдовме и најдовме долгови, така е и во градот. Мора да почнеме да гребеме од под темелите за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре, рече Мицкоски по увидот во градежните работи поврзани со проектот Градски воз.
Тој смета дека новиот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски тоа го прави исклучително квалитетно од самиот почеток на неговиот мандат. Вели дека во животот нема втора шанса за прв впечаток, така што многу е важен првиот впечаток и е уверен оти Ѓорѓиевски ќе го оправда позитивниот впечаток и во иднина.
– Ние се доведовме во ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи и навистина сето тоа делува помалку и комично, но, кога некои работи треба да се направат, тие мора да се направат. Како што кажа градоначалникот за време на изборната кампања, во исклучително рекордно време успеа да ги мобилизира сите капацитети. Но, исто така, сакам да им заблагодарам и на општествено одговорните компании кои се вклучија во акцијата. Мислам дека вчера беше навистина сето тоа убаво и од една ваква робусна акција денеска еве, ако ништо друго можевме да видиме дека контејнерите се празни, нема прелевање на смет како што беше случај. Навистина делува смешно, јас ве разбирам и јас понекогаш можеби би се насмеал на сето ова што го зборуваме. Но, за жал, се доведовме во една ваква ситуација, изјави премиерот Мицкоски
ноември 7, 2025

