Connect with us

Останати спортови

Куманово „Скелетонс“ го организираат првиот флег фудбал турнир во земјава

Во организација на „Куманово Скелетонс“ во Македонија првпат ќе се одржи флег фудбал турнир на 9 ноември годинава на стадионот „Млади лавови“ во скопската општина „Ѓорче Петров“, информираа денеска организаторите.

Влезот е слободен за посетителите кои ќе можат да ги проследат шесте натпревари помеѓу шесте екипи од 12:00 до 16:00 часот. Натпреварите се дел од третото коло од првата флег фудбал лига на Србија и покрај „Скелетонс“ од Куманово, ќе учествуваат и екипите од Инџија „Индијанс“, од Краљево „Ројал Краунс“, Обреновац „Хокс“, „Горилас“ од Суботица и „Легионари“ од Сремска Митровица.

Екипата од Куманово „Скелетонс“, единствениот активен флег фудбал тим во државата, кој воедно минатата сезона го оствари историското второ место во српската прва лига.

– Главната цел на екипата е развој и популаризација на американскиот фудбал во Македонија. Иако, моментално постои само еден активен тим, плановите за формирање македонска флег фудбал лига веќе се поставени и потребно е само создавање на уште неколку нови клубови низ земјата за официјален почеток. Покрај тоа, клубот има амбициозни планови за основање на женски и детски тим, со цел флег фудбалот да стане достапен за сите возрасти и категории. Ова не е само турнир туку е почеток на нешто големо. Сакаме луѓето да го видат флег фудбалот, да се заинтересираат, и еден ден да имаме вистинска македонска лига, изјави претседателот на клубот, Лазар Денковски.

Од клубот изразија благодарност до општина Ѓорче Петров за користењето на теренот.

Настанот е дел од третото коло на Првата флег фудбал лига на Србија, а ќе донесе шест возбудливи натпревари со учество на екипи од Србија и Македонија. Публиката ќе може да ужива во спорт, музика, DJ сет и храна, во атмосфера што промовира спортски дух и тимска енергија. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 3