Фудбал
Венгер: Дербито Реал – Барселона наликуваше на дуел меѓу мажи и момчиња
Поранешниот тренер на Арсенал, Арсен Венгер оцени дека неделното Ел Класико во кое Реал Мадрид ја совлада Барселона со 2-1 понуди нерамноправен фудбал на теренот на „Сантијаго Бернабеу“.
„Ова Ел Класико наликуваше малку како дуел меѓу мажи и момчиња“, рече Венгер, кој е директор на ФИФА за глобален развој на фудбалот, а воедно и коментатор за англиското издание на BeIN Sports.
„Одбраната на Реал Мадрид беше многу поцврста од онаа на Барселона, а во нападот, тимот од Мадрид изгледаше како да може да постигне гол со секој напад, додека противникот не беше ефикасен. Тие ја имаа топката, но изгледаа сосема неспособни да постигнат гол“, додаде Венгер.
За Реал ова беше деветта победа во десеттиот натпревар оваа сезона во Ла Лига со која се зацврсти на првото место на табелата со 27 бодови, пет повеќе од Барселона на второто место.


