Connect with us

Регион

Хрватска ќе набави пресретнувачи на дронови

Хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ денеска во Брисел информира дека Хрватска наскоро ќе потпише договор со домашна компанија за заштита на критичната инфраструктура од напади со дронови.

Системот што треба да се набави вклучува оперативен центар, радари, пресретнувачи на дронови и 30-милиметарски топови, кои ќе бидат целосно автоматизирани.

Станува збор за два стационарни и два мобилни системи за борба против дронови во вредност од 115 милиони евра.

– Договорот ќе ни овозможи да испорачаме систем што ќе ја заштити нашата критична инфраструктура од воздушни напади со дронови и сè што би можело да го загрози нашиот воздушен простор, рече Анушиќ.

Тој додаде дека не може да даде повеќе детали, освен дека договорот ќе биде потпишан во декември.

Тој нагласи дека неидентификуваните дронови што влегуваат во нечиј воздушен простор без овластување дефинитивно треба да бидат соборени.

– Секако дека треба да бидат соборени бидејќи некој од тие дронови може да носи експлозиви и да го погоди она што треба да се заштити, нашата инфраструктура, рече Анушиќ, јави ХРТ.