Connect with us

Свет

Меркел: Дали Путин ќе ја нападнеше Украина ако не се случеше пандемијата?

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел даде интервју за унгарскиот медиум „Партизан“ во кое, меѓу другото, зборуваше и за конфликтот во Украина.

– Во јуни 2021 година, почувствував дека Путин повеќе не го сфаќа сериозно Минскиот договор и затоа сакав нов формат, тогаш заедно со претседателот Макрон, каде што ќе разговараме директно со Путин како Европска Унија, рече Меркел.

Но таа тврди дека наишла на отпор. „Некои луѓе не го поддржаа. Тоа беа првенствено балтичките држави, но и Полска беше против тоа. Овие четири земји се плашеа дека нема да имаме заедничка политика кон Русија“, рече таа.

– Во секој случај, новиот формат не се оствари. Јас ја напуштив функцијата, а потоа почна агресијата на Путин, додаде таа. Во интервјуто, Ангела Меркел постојано нагласуваше колку е важно, според неа, да се одржува дијалог, дури и меѓу спротивставените табори.

Таа, исто така, постојано нагласуваше дека избувнувањето на пандемијата на коронавирусот предизвика прекин на многу комуникациски канали и затегнати меѓународни односи. Видеоконференциите, рече политичарката, не се замена за разговорите лице в лице.

„Дали Путин ќе ја нападнеше Украина ако не се случеше пандемијата на коронавирус? Никој не може да каже. Коронавирусот ја промени светската политика бидејќи повеќе не можевме да се среќаваме, рече таа.

Меркел истакна дека самиот Путин не присуствувал на самитот на Г20 во 2021 година „од страв од пандемијата на коронавирус“.

– Ако не можете да се сретнете и да ги решите разликите во мислењата, тогаш повеќе не можете да најдете нови компромиси. Видеоконференциите не се доволни во таква ситуација, рече Меркел, која беше канцеларка од ноември 2005 година до декември 2021 година.