Свет
Полска ги продолжува граничните контроли до 4 април 2026 година

Полска ги продолжува привремените гранични контроли со Германија и Литванија до 4 април следната година, откако првично планираше да ги укине на 4 октомври, објави денеска Министерството за внатрешни работи на платформата X.
-Ги продолжуваме контролите со цел да го следиме миграцискиот пат што води од балтичките држави преку Полска до Западна Европа, рече министерот за внатрешни работи Марцин Киервински во објавата на неговото министерство, јави ДПА.
Најважната задача на полските граничари останува да ја држат границата со Белорусија затворена и да ја заштитат од миграциски притисок, додаде тој.
Полска и ЕУ го обвинуваат белорускиот лидер Александар Лукашенко за организирање на транспорт на мигранти од кризните региони до надворешната граница на ЕУ со цел да извршат притисок врз Западот, пренесува германската агенција.
Владата во Варшава воведе гранични контроли на почетокот на јули како одговор на новите германски контроли. Премиерот Доналд Туск го поврза евентуалното укинување на мерката со одлуките донесени од Берлин.
Германија, потсетува ДПА, спроведува случајни проверки на границата со Полска од октомври 2023 година со цел да ја ограничи нерегуларната миграција.
Германскиот министер за внатрешни работи, Александар Добриндт, нареди поинтензивни гранични контроли кратко откако новата федерална влада ја презеде функцијата во мај.
Варшава го стори истото во текот на летото, исто така соочувајќи се со притисок од десничарските групи на одмаздници кои почнаа да патролираат за мигранти по сопствена иницијатива, потсетува ДПА.
октомври 1, 2025