Свет
Австриските вооружени сили инвестираат 650 милиони евра во градежни проекти

И покрај мерките за буџетско заздравување во Австрија, обновувањето на воената инфраструктура ќе продолжи според планираното, соопштија денеска на прес-конференција министерката за одбрана, Клаудија Танер, и директорот на Дирекцијата за инфраструктура, Јоханес Залер.
За оваа и следната година за таа цел ќе бидат одвоени вкупно 650 милиони евра.
Залер потврди дека за периодот 2020-2026 година за градежни и инфраструктурни проекти биле доделени вкупно 1,325 милијарди евра и дека планот и предвидениот буџет во голема мера се испочитувани.
Министерката Танер истакна дека „99 отсто од додадената вредност“ при изградбата и ремонтот на воената инфраструктура останува во Австрија.
– А тоа е многу важно, бидејќи тоа се економски импулси, особено денес, нагласи Танер, аргументирајќи дека на тој начин може да се зачуваат работни места.
Во моментов, Вооружените сили реализираат голем број градежни проекти. Еден од најголемите, во вредност од околу 370 милиони евра, е наменет за баталјонот за инженерски и командни активности во градот Филах, провинцијата Корушка.
октомври 1, 2025