Свет
Најмалку 21 лице загина во пожар во хотел во Њу Делхи
Најмалку 21 лице денеска загина во пожар во повеќекатна зграда во која се наоѓа хотел со појадок во пренаселена област на индискиот главен град, Њу делхи, јави ДПА.
Повеќе од 40 лица се спасени од зградата во областа Хауз Рани, во јужен Њу Делхи, изјави официјален претставник на полициската управа. Тие беа итно префрлени во блиските болници, додека 21 лице е прогласено за мртво.
Меѓу жртвите има странски државјани од Централна Азија и Африка, објави новинската агенција ПТИ.
Полицијата сè уште не ги идентификувала мртвите.
Причината за пожарот засега останува нејасна, пренесе ДПА.
Противпожарната служба го изгасна пожарот и ја пребарува зградата, изјави заменик-противпожарниот службеник А.К. Малик.
Не се знае дали зградата имала итен излез за случај на пожар и потребните дозволи.
Главната министерка на Њу Делхи, Река Гупта, изјави дека причината за пожарот ќе биде испитана. Таа вети поддршка за повредените и семејствата на жртвите.
Премиерот Нарендра Моди изрази сочувство и најави финансиска помош.
Смртните случаи во пожари се чести во Индија и обично се должат на лошите безбедносни мерки и недостаток на противпожарни излези. Пожарите често се предизвикани од неквалитетна или застарена електрична опрема.
јуни 4, 2026
