Свет
Украина негира дека ја нападнала нуклеарната централа Запорожје
Вооружените сили на Украина го негираат тврдењето дека беспилотното летало што го лансирале ја погодило нуклеарната централа Запорожје.
Русија вчера објави дека вооружените сили на Украина ја нападнале нуклеарна централа во југоисточна Украина, која ја окупирала на почетокот на војната. Украинската војска го негираше тврдењето и го нарече „уште еден пропаганден потег“ од страна на Русија.
Во соопштението, вооружените сили на Украина посочуваат дека се придржуваат до меѓународното хуманитарно право и се свесни за „последиците од какви било дејствија насочени кон нуклеарните постројки“.
„Немало активни борби во соодветниот дел од фронтовската линија во времето на инцидентот и не било употребено оружје“, се вели во текстот.
Украинската државна агенција за нуклеарен надзор, од своја страна, соопшти дека штетата за кои Русија тврди дека биле нанесени мора да биде потврдена од експерти од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) во најголемата нуклеарна централа во Европа, како дел од долгорочната мониторинг мисија.
„Нападот врз нуклеарни постројки е како играње со оган“, рече генералниот директор на МААЕ, Рафаел Гроси, осудувајќи го нападот, но не обвинувајќи ја ниту едната страна.
Нуклеарната централа Запорожје, која е близу до линијата на фронтот, беше окупирана од Русија во март 2022 година – само неколку дена по целосната инвазија на Украина на 24 февруари истата година, што предизвика стравувања од нуклеарна несреќа. Таа редовно е гранатирана, за што Москва и Киев се обвинуваат меѓусебно, при што секоја страна во конфликтот тврди дека другата намерно ја гаѓала централата
јуни 1, 2026
